Од среда полициски час од полноќ и отворени теретани, здравствените работници ќе можат на одмор

На утрешната седница, откако тоа го направи Главниот координативен кризен штаб, и Владата сосема извесно ќе го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за дополнително намалување на рестрикциите против ширење на коронавирусот. Како што истакнуваат од Министерството за здравство, предлогот се темели на подобрувањето на епидемиолошката состојба во државата, односно намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на нови заразени лица.

Имено, се предлага следново:

• Почнувајќи од 12 мај 2021 година, забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата од јавен превоз, односно полицискиот час, наместо од 23 часот, да почнува од 24:00, а да трае како и досега, до 05:00 часот следниот ден.

• Соодветно на ова, дозволено време за работа на угостителските објекти за работа со посетители/гости во отворениот дел од угостителскиот објект (само летни тераси, градини, а не во затворениот дел) е до 23:30 часот.

• Сите настани и ивенти може да се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30% од капацитетот на затворениот простор.

• Наменскиот протокол за згрижени деца во детските градинки да се измени, односно се дозволува зголемување на бројот на деца од 15 на 20 во една група.

• Вежбалните, фитнес центрите и теретаните може да отпочнат со вршење на својата дејност во објектите.

• Се дозволува користење на годишните одмори за здравствените работници.

Овие мерки, посочуваат од Владата, ќе важат до 18 мај 2021 година.

- Реклама -