Со просечна зимска температура од -3 степени Целзиусови, Берлин, нормално, не може да се пофали со тропска клима. Но таму некаде, среде околните борови шуми и замрзнати езера, има бујна џунгла каде температурата е секогаш пријатни 26 степени, дури и во екот на зимата.
Добродојдовте во ресортот Tropical Islands, најголемиот покриен тропски парк во светот, каде што слободно шетаат птици фламинго, и каде иако времето надвор е облачно и ветровито, вие можете да пиете Mai-Tai на лежалка пред статуата на Буда.
Изграден во почетокот на новиот милениум од сингапурски милијардер, и сместен во поранешен нацистички авионски хангар во Бранденбург, огромната сива купола на Tropical Islands пречекува илјадници посетители дневно кои бегаат од студената германска клима.
Ако живееме во глобализиран свет, тогаш Tropical Islands е апсолутниот врв на глобализацијата – тотален миш-меш (по нашки: каша-попара) од различни култури, на само еден час оддалеченост од Берлин. „Никаде нема да најдете нешто слично”, се пофалува Сандра Нолти – претставник на паркот.
Паркот привлекува клиенти и со цената и со практичноста. Со еднодневна влезница во вредност од 42 евра, дефинитивно е поевтина варијанта од билет до Бангкок, а и полесно достапна.
Најмногу од гостите се Германци или Полјаци (паркот е само на неколку километри од полската граница), а логично, зимата најпосетената сезона. Сепак Tropical Islands работи стабилно преку целата година – неодамна паркот отвори нов дел на отворено. И да, организира свадби.
Имитација на рајот
На почетокот на новиот милениум, малајски инвестициски холдинг Tanjong решава да инвестира во разноразни „тропски острови“ низ европските земји со постудена клима. Иако очигледно станува збор за бизнис-одлука (портфолиото на Tanjong вклучува голем број на инвестиции во недвижен имот), според архитектот Јирген Гроте, идејата е водена од великодушност.
„Луѓето или семејствата кои не можат да си дозволат да патуваат до тропските предели би требало да имаат шанса да поминат некое време во тропска атмосфера“, коментира тој.
А од Tanjong сметаа дека поранешниот нацистички авионски хангар „Бранд-бриз“ е совршено место. Се наоѓа на 1 час јужно од Берлин, а е изграден во 1938 година, заедно со писта долга еден километар. Во 1996 германската компанија CargoLifter го купува просторот и додава геометриска купола. Tanjong го купуваат објектот од банкротираната компанија во 2003-та, а веќе само една година подоцна ги отвораат вратите на Tropical Islands.
Приближно 1 милион туристи го посетуваат паркот годишно. Пристигнуваат со торби полни со костуми за капење, пешкири за плажа и креми сончање, кампуваат во шатори или престојуваат во „крајбрежните“ бунгалови, се капат во тропското „море“ и се излежуваат на белите песочни плажи.
За авантуристите има прошетки со воздушен балон, мини-голф игралишта и планински патеки низ џунглата, распослана на површина од 10.000 метри квадратни. 600 вработени работат деноноќно за да ја одржат илузијата за тропски рај, игнорирајќи ги челичните потпорни столбови и металниот крај на небото-билборд.
Дизниленд и одмор, а дома
Со добриот избор на забава, престојот во Tropical Islands донекаде потсетува на Дизниленд.
„Тропската“ тематика на паркот се чини нема граници. „За локалните жители во тропските џунгли, животот без пеење и танцување е невозможен“, пишува на табла во паркот.
Гостите можат да играат билијард во самоанска куќа со сламен покрив, при што комплексно гравирани стапчиња од тики, или да пијат леден јогурт од машини распоредени во куќите во бирмански стил. А во близина се наоѓаат и наколни населби во стилот на племето Оранг Улу.
Традиционалната тајландска зграда, во која сега има скара-ресторан, е конструирана од архитект кој доаѓа директно од тајландскиот кралски двор. По отворањето, ресторанот беше благословен од будистички монаси.
Таму ќе најдете и верна реплика на храмовата порта од Бали изградена во Индонезија и преизградена одново во Бранд-бриз. Нема мајтап: Таа е најголемата реплика надвор од Бали.
Нова форма на многу стара идеја
„Уште од векови архитектурата се дефинира токму по својата способност да конструира средина која е драстично различна од околниот свет“, коментираат шпанските архитекти Уртзи Грау и Кристина Гоберна – содружници во Fake Industries Architectural Anagorism.
Ботаничките градини, на пример, одамна симулираат странска средина, за успешно да се одгледаат растенија од целиот свет (првата таква, изградена во Падова во Италија во 1545 година, е вклучена во списокот на светско наследство на УНЕСКО).
Според Давид Нојштајн – архитект и основач на Other Architects, ги смета римските бањи „со градација на температура, атмосфера и интимност” за предци на затворените забавни паркови. Сега има покриени ски-патеки во Шпанија и Обединетите Арапски Емирати, а во канадскиот центар West Edmonton – куќи покрај плажа.
Егзотично, но по европски стандарди
Идејата на малезиската инвеститори била да постигнат микс од егзотични аспекти, но концептот сé повеќе се адаптира според очекувањата на посетителите. Она што се смета за „тропско“ во Централна Европа не е конкретно нијансирано – посетителите изгледа преферираат некаква матна, нејасна егзотичност. Од друга страна, Tropical Islands не се ни труди да биде верна копија на јужниот дел на Тихиот Океан; повеќе претставува вид на аква парк со шмек на јужно-пацифичко влијание.
Tropical Islands е место за хедонизам
Луѓето доаѓаат да поминат пријатно време, а не да размислуваат за политиката и културата. Што ќе рече пејзажниот архитект и градинар на паркот – Мејд Виџаја, „Германците едноставно имаа потреба од малку фантазија, особено што лудиот крал Лудвиг одамна не е меѓу живите“.