Кога сме почнале да користиме презимиња?

prezimiwa

Се раѓаш и додека да се свестиш, веќе имаш презиме. Не е ни чудно што ги доживуваме сосема природно. Ама не секогаш било така. Презимињата се појавиле во различни периоди, во различни делови на Земјата. Притоа имале и различна употреба и различно значење. Поентата е, дека не отсекогаш сме ги имале.

Најраното потекло на презимињата, како и на многу други нешта, доаѓа од Кина.

Кина и Јапонија

Според легендата, презимињата почнал да ги употребува царот Fu Xi во 2852-та година пред нашата ера. Неговата администрација го вовела тој нов систем на имиња за да може полесно да го попишува и евидентира населението.

На почетокот, презимињата во Кина се добивани по женска линија (матроними). Тоа се променило со владеењето на династијата Shang (1600 – 1046 година п.н.е.), но и денес симболот за презиме во кинескиот јазик содржи одбележја кои потсетуваат на тоа дека презимињата биле добивани по мајката.

За разлика од Кина, Јапонија вовела презимиња дури во 19 век. До тогаш ги користела само аристократијата.

Античка Грција

Во Античка Грција, пак, наместо презимиња, на името му се додавало местото на потекло. Тоа најлесно се гледа по големите грчки филозофи, на пример: Талес од Милет, Хераклит од Ефес, и сл. Подоцна и таму почнале да користат типични презимиња – патроними („син од“), или други облици кои го сугерираат основачот на династијата, исклучиво по машка линија.

Римско царство

Со настанувањето на Римското царство, користењето на семејни имиња какво што постоело во Античка Грција практично исчезнало. Воведен е нешто поинаков систем на давање имиња. Имено, постоеле три имиња (tria nomina). Првото било preanomen (го бирале родителите), второто било gens (нешто како денешно презиме, ама се однесувало на кланот или племето, често и на цел еден регион), а третото – cognomen (надимак кој овозможувал да се разликуваат лицата со ист preanomen и gens). Според официјалните документи, cognomen-от е воведен дополнително, околу 100-тата година пред нашата ера.

Така, полното име на Цезар било Gaius Julius Caesar. Интересно е што неговиот когномен во слободен превод значи „влакнест“, иако е познато дека бил ќелав.

До падот на Римската империја, презимињата какви што ги знаеме денес биле исклучително ретки во источниот дел на царството, а во западниот дел – каде доминантна била германската култура, воопшто не ни постоеле презимиња.

Ирска

Првиот народ во Европа кој почнал да користи семејни имиња кои се пренесувале од колено на колено, биле Ирците. Првото забележано презиме во Ирска е „O Cleirigh“, кое потекнува уште од 916 година. Симболот „Ó“ се пишувал и како „Ua“ (денес се пишува О’)а значи „внук/внук од“. Од останатите префикси, тука се „Mac/Mc“ – што значи „син од“, додека за ќерките се додава префиксот „Nic“, а за сопругите „Mhic“.

Експанзија на презимињата

Со тек на време, по наша претпоставка – заради зголемувањето на населението, презимињата почнале да се шират и по цела Европа. Најголемата експанзија настанала дури од 17-ти век, особено со ширењето на империјализмот. Притоа, и културите вон Европа го прифатиле тој обичај.

Од друга страна, има земји што прилично доцна воведоа презимиња. Така на пример, во Холандија праксата на користење на презимиња почнала дури во 1811 година, а веќе спомнавме – Јапонија ги вовела десетина години подоцна. На Тајланд се воведени во 1920-та година, а во Турција дури со реформите на Кемал Ататурк во 1934-та година.

Еднакви права во бирањето на презиме при стапување во брак, мажите и жените добиваат во 1979-та година, кога конвенцијата на Обединетите нации ја забрани дискриминацијата над жените.

- Реклама -