Од каде им оружје на мексиканските нарко-картели? (почнува на „А“)

GettyImages-487228997[1]

Не само што САД имаат проблем со преголемата присутност на оружје меѓу цивилите, туку тој проблем „претекува“ и преку јужната граница, во Мексико.

Од најновиот извештај на Американската агенција за одговорност (GAO), јасно се гледа дека дури 70 проценти од сето запленето оружје во Мексико, помеѓу 2009-та и 2014-та, воедно и следено од Американското биро за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви (ATF) – потекнува од САД. Како што напоменуваат од GAO, оваа бројка се однесува само на запленетото оружје следено од ATF, а не на вкупниот број на оружје во земјата. И додека е сосема можно високиот процент да се должи на тоа дека ATF е пред сé заинтересирана за следење на американското оружје, тоа не ја ублажува бројката од 73.684 запленети парчиња. Со други зборови, американското оружје дефинитивно придонесува во високиот степен на насилство во Мексико.

Mexico%20guns[1]
70% од оружјето е со американско потекло.

Од датабазата на ATF се гледа и дека овие оружја во најголем дел се купени на југозападната граница на САД, и тоа легално, а половина од нив се долги оружја (сачмарки и пушки). Според мексиканските власти, пушките со голем калибар се омиленото оружје на криминалните организации кои се бават со шверц на дрога.

Не само што легално купеното оружје потоа илегално се пренесува во Мексико, туку често се шверцува на делови, кои се составуваат откако ќе пристигнат на дестинацијата. Ваквиот начин на шверц е уште потежок и покомплициран за ATF да може да го следи.

Инаку, Мексико е една од малкуте земји што, како и САД, гарантира право на поседување на оружје со устав. Сепак, за разлика од САД, Мексико има строги закони за контрола на истото: сите оружја мораат да бидат регистрирани преку федералната влада, за да носиш пиштол ти треба дозвола – која властите имаат право експресно да ти ја одземат ако тоа е потребно, а и има само една продавница за оружје во цело Мексико Сити. САД пак, немаат такви строги стандарди, или ги има селективно – зависно за која држава во САД се работи, или пак регулативите можат лесно да бидат заобиколени.

Прочитајте и:  Американски сенатор: Залудно е да се преговара со тиранинот Путин

Така, еден од начините Мексиканците да ги избегнат домашните строги закони за оружје, е да ја преминат границата и да си купат пиштол/пушка во првата продавница. Американците добро го знаат тоа, па затоа и има еден куп продавници за оружје од американската страна на пограничната област, за разлика од мексиканската, на која има само една.

Мапа на продавници за оружје на границата помеѓу САД и Мексико.
Мапа на продавници за оружје на границата помеѓу САД и Мексико.

Од сето ова, евидентно е дека не е доволно само едната страна да врши строга контрола на оружјето. Сé додека САД не почнат да се однесуваат како нивниот јужен сосед, Мексико ќе има проблеми со организиран криминал и насилство. А и едното и другото се во постојан подем и дополнително ја отежнуваат војната против дрогата и нарко-картелите. Во меѓувреме продолжуваат да згаснуваат животи, до таа мера што просечниот животен век на мажите во Мексико почна да опаѓа и го прекина растечкиот тренд што траеше цела деценија.

- Реклама -