По наредба на судија на претходна постапка, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со Одделот за организиран криминал во МВР, рано утринаво влегло во Државната изборна комисија за да ја одземе документацијата од договорот со компјутерската фирма „Дуна“, кој беше потпишан по преговори без објавен оглас, објави „САКАМДАКАЖАМ.мк“.
Обвинителството претходно најави дека предметот ќе го отвори откако ќе бидат соопштени конечните резултати, со образложение дека не сака да влијае врз работата на ДИК.
Претходно, пак, порталот „САКАМДАКАЖАМ.мк“ влезе во јавнодостапната тендерска постапка и воочи нерегуларности при добивањето на јавната набавка од страна на компјутерската фирма, а која заврши една недела пред изборите. Повеќе ТУКА.
Веб платформата на ДИК, на која граѓаните требаше да ги следат резулатите во реално време, падна практично веднаш по завршување на гласањето. Поради тоа, ДИК беше принудена во доцните ноќни часови да ги стримува резултатите од апликацијата преку YouTube (принтскрин горе).
Од хакерската група AnonOpsMKD, пак, која вечерта на денот на изборите го презема агрегаторот на вести Time.mk, а изминативе денови целосно ги онеспособи (дури и до овој момент) сајтовите на Министерството за здравство и Министерството за образование и наука, во преписките на Твитер демантираа дека тие стојат зад хакерскиот напад на вебсајтот на ДИК. Уште повеќе, тие тврдат дека „внатре веќе имало некој со дониран пристап“ и дека ДИК воопшто не била нападната.
Супер текст, али едно мало појаснување, дечиштава во ниту еден момент не го допреа ДИК, бидејќи од самиот старт бевме свесни дека некој има внатре, со дониран пристап, а не хакиран, кој и да истражува, ќе укапира дека дик не беше нападнат од никого…
— AnonOpsMKD (@MkdOps) July 24, 2020