По седуммесечна и – како што велат од обвинителството – сеопфатна истрага, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе Обвинителен акт против поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) – Оливер Дерковски, и уште против тројца вработени во ДИК, како и еден управител на економски оператор, за набавката на софтверот за следење на изборните резултати на парламентарните избори во 2020 година, како и за уште една набавка на Државната изборна комисија.
Имено, обвинетите се товарат за „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 5 од Кривичниот законик – дело кое, според Обвинителството, го сториле при две јавни набавки со кои го оштетиле државниот буџет за нешто повеќе од 1.3 милиони денари (околу 21.000 евра).
Како што велат од Обвинителството, И.Ќ., А.А. и А.Ш. – вработени во ДИК, како членови на Комисијата за јавни набавки, во периодот од февруари до септември 2020 година, неизвршувајќи ги своите службени должности при спроведување на постапката за јавна набавка на софтверот за изборите, не го почитувале минималниот законски рок за поднесување понуди, не утврдиле дека економскиот оператор ДУНА ДОО Скопје не ги исполнува условите за учество во постапката и притоа не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди, туку понудата ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број на бодови. Врз основа на Извештајот од спроведена постапка, првообвинетиот Оливер Дерковски, како претседател на ДИК, донел одлука за избор на најповолен понудувач без притоа да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите. Откако постапката била поништена, Дерковски, спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет. Покани за поднесување понуди за Набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК биле испратени до два економски оператори и во повторената постапка повторно како најповолен понудувач бил избран економскиот оператор ДУНА ДОО, со кој Дерковски потпишал Договор за јавна набавка. Иако претседателот на ДИК бил должен, пред да го потпише Договорот и пред да го имплементира софтверот, да обезбеди негово тестирање заради утврдување дали истиот ги исполнува бараните услови, тој не го сторил тоа и дозволил истиот да се пушти во употреба без спроведено тестирањето и без направен квалитативен и квантитативен прием на услугата од Договорот. На ваков начин за економскиот оператор била прибавена корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 899.999, велат од Обвинителството.
Втората спорна набавка, според Обвинителството, била набавката на телевизори за приказ на резултатите од изборите во надворешни услови, при што изготвувањето на техничката спецификација било направено во консултации со учесник во постапката, обвинетиот И.В. Покани биле испратени до 5 економски оператори на контакт адреси што не биле регистрирани во Бирото за јавни набавки, а единствениот понудувач бил економскиот оператор ТАРДИС ДООЕЛ Скопје. Обвинетиот А.Ш. како претседател на Комисијата за јавни набавки, спротивно на правилата, иако знаел и бил свесен дека обвинетиот И.В. како овластено лице на единствениот понудувач е изготвувач на техничката спецификација, ја евалуирал понудата и во Извештајот за спроведена постапка, без присуство на членовите на комисијата, дал предлог понудата да биде избрана за најповолна понуда. Обвинетиот Оливер Дерковски го прифатил предлогот и донел Одлука за избор на најповолен понудувач за предметната набавка. На ваков начин за економскиот оператор била прибавена корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 412.410 денари со вклучен ДДВ, се вели во соопштението.
Дерковски, пак, негираше и негира дека имало било каква неправилност при постапките, туку напротив. Според него, ДИК повикала втор оператор токму за да има конкурентност, што довело, тврди тој, до пониска цена (900 илјади денари) за набавката на софтверот за изборните резултати, кој во изминатите 11 изборни циклуси чинел меѓу 4 и 4.5 милиони денари.
Оттаму, Дерковски наводите на Обвинителството за гонење на организиран криминал ги смета за тенденциозни.
„Кога сме направиле напор да штедиме пари на буџетот, ние сме обвинети дека сме нанеле штета на буџетот, што е смешно…“, вели тој.
Софтверот за изборни резултати беше тема во медиумите и пред изборите, но доби популарност токму на изборната вечер, кога практично веднаш по затворањето на избирачките места, поради хакерски напад, падна онлајн платформата на ДИК за следење на резултатите во реално време.