Обраќање на Заев: Во недела излезете и гласајте, потврдете дека нашите општини и нашата таковина продолжуваат напред (ВИДЕО)

Недела, 31 октомври, е важен ден, бидејќи пред нас е вториот круг од локалните избори од чиј исход зависи во кој правец ќе ни се движат општините и каква ќе биде нашата иднина, порача денеска претседателот на СДСМ и премиер – Зоран Заев, на последниот ден од изборната кампања.

„Во недела носиме одлука, дали да продолжиме напред по патот на напредокот или ќе се враќаме назад во мрачното минато на несигурност и неизвесност“, предупреди тој.

Според него, периодот помеѓу двата изборни круга јасно ги покажал концепти на двете страни.

„Едниот е нашиот, концепт на инвестиции во локални проекти, на поголеми плати и пензии, на грижа за сите.

Другиот концепт е оној на опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ, сега и официјално поддржана од Левица. Концепт кој носи поделби, омраза, меѓуетнички тензии и пљачкање на народните пари.

На едната страна ние, обединети прогресивни и демократски сили, подготвени да водат напред, на другата страна стари режимски кадри кои сакаат да ги вратат државата и општините назад“, истакна Заев.

„Видовме на што се спремни луѓето кои сакаат да го вратат режимот. Уште првиот ден по изборите видовме закани, насилство и омраза. Видовме како ги лажат граѓаните.

Тоа не смее и нема да биде наше секојдневие. Затоа е потребно обединување. Секој поединец мора да даде свој придонес во одлуката да продолжиме напред со развиени општини, со стабилна држава, со еднакво општество за сите“, инсистира лидерот на СДСМ.

Тој ги повика граѓаните да заокружат 12 и да гласаат за СДСМ и коалицијата. Со тоа, вели, граѓаните ќе ја направат најдобрата одлука за нив самите, за своите семејства, за својата општина и за својата држава.

„Изберете го концептот кој гарантира повисоки плати и пензии, нови инвестиции, кој гарантира стабилност и подобар економски стандард за сите. Заокружете го бројот 12! Потврдете дека нашите општини, нашата заедничка татковина продолжуваат по исправниот пат. Во недела да гласаме за број 12, да гласаме за СДСМ и Коалицијата”, порача Заев.

- Реклама -