Обединети нации, во рамки на своите заложби за еднаквост меѓу мажите и жените, објавија податоци за заработката на спортистите во машкиот и женскиот фудбал.
Според објавеното, најдобриот фудбалер на денешницата – Лионел Меси, годишно заработува 73.7 милиони евра, додека вкупната заработка на 1.693 фудбалерки во најсилните седум светски (женски) лиги – е 36.8 милиони евра. На Обединетите нации не им се допаѓа тоа, и се залагаат заработката на мажите и жените да се изедначи што е можно повеќе.
За овој „проблем“ поинтензивно почна да се зборува на овогодинешното Светско фудбалско првенство за жени, каде фудбалерките побараа поголеми бонуси за настапите. Најгласни беа Американките, кои дури и ја тyжеа својата фудбалска федерација на основа на полова дискpиминација. Оттаму се обидоа да им објаснат дека фудбалерите генерираат поголем профит, но американските репрезентативки се повикуваат на контрааргументот што лани само на влезници заработиле 51 милион долари, што е 1 милион повеќе од машките фудбалски репрезентативци на САД.
Од Обединетите нации истакнуваат и дека помалку познатите фудбалерки, иако играат во звучни клубови, мораат да работат и нешто вон фудбалот за да заработат за живот. Оттаму организацијата остро се заложува за зголемување на нивните плати.
Во светот на професионалниот спорт, засега само тенисерките се имаат изборено за еднаква заработка со тенисерите. На најголемите турнири во светот, наградните фондови во женска конкуренција се исти како и во машката.