(Радио Слободна Европа)
Добар ден. Вашите пасоши, ве молам. Мора да земеме и отпечатоци од најмалку четири прсти. Уште само да ве сликаме. Ви благодариме и имајте убав престој.
Вака треба да изгледа влезот во Европската унија и Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, кои се членки на Шенген системот, од 10 ноември годинава за граѓаните од околу 60 земји, вклучително и земјите од Западен Балкан.
Тогаш ќе почне да функционира новиот систем за влез и излез (Entry/Exit System – EES), кој беше воспоставен во ноември 2017 година, а неговата имплементација беше неколкупати одложувана.
За следното лето е најавена имплементацијата на вториот Европски систем за информации и овластувања за патување (ETIAS), што ќе значи дека патниците од земјите кои имаат безвизен режим со ЕУ мора да аплицираат онлајн за дозвола за влез, со плаќање такса од седум евра со банкарска картичка.
Пасошите во сите земји од Западен Балкан се биометриски, чиповите содржат отпечатоци од прсти и фотографии и се целосно усогласени со условите што ги бара ЕУ за безвизен режим.
Остануваат општите услови – патните исправи да не истекуваат за помалку од три месеци од датумот кога лицето планира да се врати во својата земја или пасошот да не е постар од десет години.
Кои се новите промени од средината на 2025 година?
ETIAS ќе бара од граѓаните од околу 60 земји да пополнат посебен формулар преку интернет или мобилна апликација пред да патуваат.
При првото пополнување на апликацијата, патникот внесува лични податоци, електронска пошта и телефонски број, како и детали од патната исправа.
Патникот ќе треба да внесе и детали за образованието и тековното вработување, како и детали за планираното патување и престој во земјата на ЕУ.
Ќе се бараат и детали за какви било кривични пресуди, претходни патувања во воени зони или конфликтни зони, како и информации за тоа дали лицето е протерано од која било земја.
Од патниците се бара и дополнителна такса од седум евра, која се плаќа со платежна картичка. Плаќањето се врши како и при секое купување преку Интернет.
Се внесува бројот на картичката, датумот на важност, податоците на лицето на чие име е издадена картичката, како и трицифрениот број CVV/CVC испечатен на задната страна на картичката до потписот на сопственикот. На сметката мора да ја има потребната сума на пари конвертирана во локална валута.
Таксата нема да ја плаќаат лицата под 18 и над 70 години, сопружниците/регистрираните партнери и децата на државјаните на ЕУ и земјите од Шенген зоната, како и децата на сопружниците/партнерите кои доаѓаат надвор од ЕУ.
„Групна“ апликација нема да биде возможна, односно во случај на семејно патување, секој член ќе мора посебно да аплицира за ETIAS.
Системот ETIAS ќе биде достапен на јазиците на земјите-членки, вклучувајќи го и хрватскиот, а системот ќе прифаќа само латинични букви.
Патникот ќе може да го паузира пополнувањето на апликацијата, да ги зачува промените и да продолжи со внесување податоците во период од 48 часа.
Колку време е потребно за да се обработи барањето?
Како што е наведено на официјалната веб-страница на системот ETIAS, обработката треба да трае „неколку минути“.
Доколку трае подолго, патникот треба да го добие известувањето во рок од четири дена.
Од патниците може да се побараат и дополнителни информации или документација, на пример, потврда за резервација на хотел и потврда за вработување, кои треба да се достават во рок од десет дена, а во тој случај барањето треба да се обработи во рок од две недели.
Патникот може да биде поканет на интервју во амбасадата на земјата во која планира да патува, а во овој случај барањето треба да се обработи во рок од 30 дена.
Поради оваа причина, на патниците им се препорачува да го пополнат формуларот најмалку еден месец пред да купат билет или да резервираат сместување.
Ако патникот добие дозвола за влез во ЕУ, тој ќе добие известување преку е-пошта.
Дозволата ETIAS ќе важи три години или додека не се замени патниот документ со кој некој аплицирал.
Формуларот е поврзан со патната исправа, што значи дека важи само со пасошот со кој се пријавил влезот. Нов пасош значи нова апликација. Ако ETIAS е платен и одобрен за патување во една земја, тој важи и за друга.
Одобрувањето на ETIAS не значи дека едно лице може да остане во ЕУ повеќе од 90 дена во период од шест месеци или да работи во ЕУ.
Патникот ќе може да влегува и излегува од ЕУ онолку пати колку што сака и да патува до која било дестинација во рамките на Шенген зоната во периодот на важност на дозволата се додека го почитува наведениот временски рок.
Што ако лицето нема интернет, банкарска картичка, е неписмено и слично?
Родителите пополнуваат формулар за своите малолетни деца, кои се ослободени од плаќање такса од седум евра.
Секој може да овласти трето лице – друго лице или комерцијален посредник – да аплицира во негово име или во име на нивните малолетни деца.
Со посредник, на пример туристичка агенција, мора да се потпише изјава за застапување за секое лице поединечно, а истото важи и во случај кога за некое лице се пријави пријател, сосед, ќерка или син.
Формуларот за декларација ќе биде достапен кога системот е оперативен, што ќе дозволи трето лице да обработува нечии лични податоци. Лицето или компанијата што е посредник исто така ќе треба да ги внесе своите податоци.
Посредникот има право да наплати „разумна такса“, а ЕУ предвиде можност за анонимно пријавување на оние кои ќе наплаќаат прекумерна провизија.
На оние кои ќе одлучат да аплицираат преку посредник им се советува особено да проверат дали информациите во апликацијата се точни пред да ја испратат, бидејќи во случај на некаква грешка – на пример внесување нула (0) наместо буквата „О“ – апликацијата може да биде одбиена, откажана или поништена.
Во случај патникот да забележи грешка, може да пополни нова апликација или да побара корекција на грешката во старата апликација, а процедурата за обработка во овој случај трае до 30 дена.
Како да се оди на погреб, да се посети родител кој е државјанин на ЕУ и слично?
Формуларот ETIAS нема да мора да го пополнуваат лица кои имаат валидна виза – студентска, работна или слично – или дозвола за престој во земја на ЕУ.
Образецот исто така не го пополнуваат лица кои живеат покрај границата и поседуваат гранични пропусници, по чие презентирање преминуваат за, на пример, да ги обработуваат своите ниви од другата страна на граничната линија.
На членовите на екипажите на бродови и авиони за некои земји од ЕУ ќе им треба формулар ETIAS, за други не, што треба да го проверат пред пристигнувањето.
Исклучоци се и лекување во случај на загрозување на животот на апликантот или роднина, одење на погреб на член на семејството, обврска да се појави пред суд или некоја „важна обврска“.
Во тој случај, патникот ја пополнува апликацијата ETIAS за т.н ограничена дозвола во која се наведува причината.
Дозволата ја издава земјата во која патува лицето и важи само за патување во таа земја најмногу 90 дена. На пример, ако се работи за одење на погреб, земја од ЕУ може да дозволи влез само за деновите на погребот.
Доколку некое лице во меѓувреме аплицира и добие втор ETIAS за патување во сите земји од Шенген, ограничената дозвола автоматски престанува да важи.
Предвидени се исклучоци и за плаќање на таксата.
Ако, на пример, дете патува во земја каде што живее неговиот родител кој е државјанин на ЕУ или член на шенгенскиот систем, нема да мора да се плати седум евра, но ако сака да патува во друга земја, ќе треба да се пополни нов формулар ETIAS и да се плати сумата. Истото важи и за сопружниците или регистрираните партнери.
Носителите на дипломатски или специјални пасоши чии земји имаат потпишано договори со ЕУ, вработените во НАТО не мора да аплицираат за дозволи за ЕТИАС, како и луѓето кои транзитираат низ европски аеродром.
Не мора да аплицираат ниту лица со двојно државјанство на земја-членка на ЕУ, под услов да патуваат со пасош или лична карта на таа земја.
Што ако ЕУ одбие да ви даде дозвола?
На лицата без ETIAS овластување ќе им биде одбиен влез на граница.
Дури и добивањето на овој сертификат не значи дека на патникот автоматски му се дозволува влез во земјата на ЕУ. Сите патници сепак ќе бидат проверени и граничен службеник може да одбие влез на лице кое не ги исполнува условите.
Некои од условите за влез се валидна патна исправа најмалку три месеци од датумот на планираното враќање, пасошот да не е постар од десет години, престојот да е оправдан и лицето да има доволно пари до планираното враќање.
Вообичаената сума е околу 100 евра дневно и зависи од земјата членка на ЕУ.
Некои од причините за одбивање на влез се закана по безбедноста или здравјето, доколку некое лице е предмет на потерница од земја и слично, што се утврдува со проверка во бази, лекарски преглед и слично.
Доколку барањето за овластување за патување ETIAS биде одбиено, отповикано или откажано, лицето ќе добие е-пошта во која ќе се наведат причините за одбивањето и името на органот што ја донел одлуката.
Постои можност за жалба, а е-поштата ќе содржи информации до која земја или земји да се жали со опис на соодветната жалбена постапка. Жалбите се решаваат во согласност со законите на тие земји.
Лицето чие барање е одбиено може повторно да побара ETIAS дозвола.
Ако некое лице го отповика барањето, не може да се премисли потоа, туку мора да пополни нов формулар.
Надоместокот не се враќа доколку апликацијата биде одбиена.
Дали тоа ќе создаде поголем метеж на границите?
Со воведувањето на EES останува скенирањето на патните исправи, престанува печатирањето во пасошите на граничниот премин, но земањето отпечатоци и сликањето што ќе се прават на секој граничен премин може да го продолжи чекањето во редици.
На аеродромите ќе се вршат проверки по слетувањето.
Земјите-членки ги изменија своите закони за да го намалат потенцијалниот метеж на копнените премини.
Земањето биометриски податоци и проверки преку базите на податоци на земјите од ЕУ може да се врши и пред граничните штандови – додека патниците чекаат на ред – за да се овозможи побрз проток.
Тоа значи дека службениците на граничната полиција ќе можат да одат од возило до возило или да влегуваат во автобуси со специјални уреди за проверка на патниците.
Зошто е воспоставен системот?
Новиот EES систем се воведува за да ги направи базите на членките на ЕУ поповрзани за да се олесни следењето на времето и местото на престој и да се осигури дека патниците нема да останат повеќе од 90 дена во период од шест месеци.
Една од целите на новите мерки е да им се отежне влезот на криминалците или терористите во ЕУ со лажни пасоши, бидејќи секој пат кога ќе ја преминат границата ќе се врши биометриска контрола.
Патниците нема да плаќаат такса за земање биометриски податоци.
Податоците ќе бидат достапни за полициските служби на земјите членки на Шенген системот и полициската агенција ЕВРОПОЛ за време на криминални истраги, особено тероризам и организиран криминал.
Проверките на биометриските податоци ќе бидат засилени кон средината на 2025 година, а точниот датум не е утврден.
Слични системи веќе се воведени од Соединетите Американски Држави, Канада и Австралија.
МИА
Фото: МИА/ЕПА/пронтскрин