Откако ниту една фирма не се пријави да урива дивоградби, почнувајќи од дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“, вчера Општина Чаир распиша нов тендер.
„И ние се чудиме зошто нема ниту една понуда, немаше никакви посебни услови во тендерот“, коментираа од Општина Чаир, додавајќи дека новиот тендер веднаш ќе биде распишан, бидејќи „не сакаат да чекаат“.
Граѓаните, меѓутоа, не се толку изненадени од тоа што ниту една фирма не се пријавила да руши дивоградби во Чаир (договорот се однесува на една година), а судејќи по реакциите, не очекуваат да се најде јунак што ќе се пријави ниту на новиот тендер.
Оттаму, дел од нив, предводени од новинари, се понудија да ја земат ситуацијата во свои раце и, како што велат, да ѝ помогнат на општината, со тоа што сами ќе ја срушат дивоградбата кај „Мавровка“.
„Јас се пријавувам за рушење на нелегалниот објект кај Мавровка“, напиша на Фејсбук поранешниот уредник на „Телма“ – Дарко Чекеровски, започнувајќи ја низата.
„Затоа што фирма нема да се најде, по примерот на Дарко Чекеровски, и јас се пријавувам доброволно за рушење на дивоградбата кај Мавровка. Не треба дневница, само хилта“, напиша и новинарот Огнен Чанчаревиќ.
По нив се пријавија и Томислав Кежаровски, експретседателот на ЗНМ – Насер Селмани, а помош понуди и Наташа Стојановска. Во коментарите под нивните постови доброволно се пријавуваат и други граѓани. Додуша, дел од нив очекуваат Општина Чаир да ги почасти по некоја гајба пиво додека трае работата.