Нема јунак да се пријави на тендерот за уривање дивоградби во Чаир

Ниту една фирма не се пријавила на тендерот на Општина Чаир за уривање на дивоизградениот објект на местото на кафулето „Фонтана“ пред трговскиот центар „Мавровка“ кое изгоре во пожар. Последниот рок за пријавување на тендерот, кој беше распишан на 27 јули, истече денеска во 10 часот.

Од општината уверуваат дека не отстапуваат од намерата (и законите) да се руши дивоградбата и најавуваат дека уште утре ќе распишат нов тендер, со истите услови.

„Постапката се поништува. Утре ќе објавиме нова, со што се дава рок од седум дена на заинтересираните економски оператори да се пријават. Постапката немаше ниту еден посебен услов надвор од стандардните и никој не беше спречен да аплицира. Доколку повторно не се пријави никој, ќе ја повторуваме постапката“, одговориле од Општина Чаир за порталот „360 степени“.

„И ние се чудиме зошто нема ниту една понуда, немаше никакви посебни услови во тендерот. Постапката е поништена и веќе утре распишуваме нов тендер зашто не сакаме да чекаме, сакаме што побрзо да се отстрани дивоградбата кај ‘ТЦ ‘Мавровка’“, рекле од општината за „САКАМДАКАЖАМ.мк“.

Фирмата јунак што ќе се пријави на тендерот (ако се пријави), кој вреди повеќе од милион денари, ќе треба да урива и други дивоградби во скопски Чаир. Како што објасни претходно градоначалникот Висар Ганиу, договорот е во времетраење од една година и се однесува и на другите потреби на општината во однос на дивоградбите.

„Не, тендерот не го поништуваме бидејќи нам ни треба преку цела година, бидејќи има и други делови што се градат без дозвола и со тој тендер ќе можеме да дејствуваме. Се разбира, ние и кога го објавивме тендерот не го направивме за овој објект, туку воопшто за да можеме да постапуваме и во други ситуации“, истакна тогаш Ганиу.

Во меѓувреме, надлежните сѐ уште ја одгатнуваат „големата мистерија“ за тоа кој е инвеститорот, кој тргна да гради најмалку двокатен објект на местото на кафулето кое изгоре до темел на 1 мај, во полициски час.

 

- Реклама -