Новинар до Путин (66): Кога ќе се жените? (ВИДЕО)

Приватниот живот обично рускиот претседател го чува токму таму – во приватноста, но на годинешнава сесија на новинарски прашања по малку и си ја подотвори душичката.

На прашањето на еден млад новинар кога и со кого ќе се жени, 66-годишниот Владимир Путин на шега одговори дека се тоа две различни прашања. Потоа го праша новинарот дали тој е женет, а откако овој му одговори потврдно, додавајќи дека не жали, Путин рече: „Аха, сфаќам, женет си и сакаш и мене да ми биде така добро“, на што присутните почнаа да се смеат.

Потоа Путин со нешто посериозен тон одговори: „Како и секоја примерна личност, ќе морам и јас тоа да го направам, еден ден“.

Приватниот живот на Путин останува една од најдобро чуваните тајни околу рускиот претседател, особено што тој не сака многу да зборува на темата и на таквите прашања одговара кратко и често двосмислено или на шега. Повеќе од 30 години, од 1983 година, беше женет за Људмила Путина – лингвист од Санкт Петербург. Во 2013-та, во интервју на државната телевизија Russia 24, објавија дека се разведуваат. Поранешната сопруга на Путин истакна дека тоа било заедничка одлука, а дека бракот им „дотрајал“ бидејќи речиси и да не се гледале.

Прочитајте и:  Министри на ЕУ членки: Путин продава лаги за руската економија, која со „советизацијата“ оди кон пропаст

Во јуни, исто така на прес за новинари, Путин беше прашан која е најголемата жртва што ја прави еден човек кога се нафаќа да биде претседател.

„Личниот живот. Неизбежно е“, рече Путин, додавајќи дека сепак постои компензација за жртвата: „Сфаќаш дека работиш уникатна работа. Многу важна… да го подобриш стандардот на милиони луѓе, и да го зајакнеш најважното што го имаш – твојата татковина“.

 

- Реклама -