Исчистен од бугарски и од руски кирилски букви, нашиот јазик доби нови македонски фонтови што вчера ги промовираше министерот за информатичко општество Иво Ивановски. Подготвени се вкупно 81 фонт во кој буквите се автентични со македонското кирилско писмо.
Исчистен од бугарски и од руски кирилски букви, нашиот јазик доби нови македонски фонтови што вчера ги промовираше министерот за информатичко општество Иво Ивановски. Подготвени се вкупно 81 фонт во кој буквите се автентични со македонското кирилско писмо.
Досегашните непознати форми на буквите г д б п ќ во новите фонтови се заменети со вистинските македонски букви од нашата азбука. Тоа е само дел од новитетите во подготвените фонтови кои се слободни за употреба и граѓаните може бесплатно да ги преземат тука од веб-страницата на Министерството за информатичко општество.
Од подготвениот 81 фонт, 40 се наменети за употреба во Владата и во државните институции, а 41 се наменети за граѓаните. Во фонтовите наменети за државните служби вметнати се и дополнителни симболи за државните обележја, архивски знаци.
Како што истакна Ивановски, употребата на измените е слободен избор и не се предвидени санкции за оние што и понатаму ќе ги користат неправилните фонтови.
Промовиран поимник на македонски зборови од областа на информатичката технологија
Негативниот тренд на користење се повеќе англиски зборови од информатичката технологија во секојдневната комуникација во државава ќе се надминува преку користење поимник на македонски зборови од областа на информатичко комуникациската технологија.
Поимникот, што беше промовиран на 9 септември од страна на министерот за информатичко општество Иво Ивановски, содржи 1321 збор и кратенки од областа на информатичката и комуникациската технологија, преведени со соодветни зборови од македонскиот јазик.
Наведувајќи примери на зборови опфатени со поимникот министерот за информатичка технологија посочи дека за зборовите file соодветен збор за употреба е датотека, за attachment – прилог или препратка, за web browser веб пребарувач, за edit уреди, за printer – печатач, за download преземи, за e-mail електронска пошта, за online вклучен или на линија, за driver двигател….
Поимникот е изготвен од работна група од претставници од Советот за македонски јазик, Институтот за македонски јазик, МАНУ, Министерството за култура, стопанските комори, Агенцијата за електронски комуникации, Факултетот за електротехника и информациски технологии и Европскиот универзитет.
Поимникот е во фаза на печатење по што ќе биде поделен на сите институции. На веб-локацијата на Министерството за информатичко општество е поставена електронската верзија на поимникот, од каде заинтересираните може да ја преземат бесплатно.