Нови мерки на Владата: Вакцинацијата услов за сите угостителски објекти и настани без оглед на капацитетот и бројот на гости, нови мерки и при влез во државата

Владата на Република Северна Македонија, на денешната редовна 99-та седница, донесе одлука за воведување на нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

Согласно препораките на Комисијата за заразни болести, Владата одлучи дека за влез во угостителски објекти или на било какви настани, задолжително ќе треба да се приложи сертификат за примена најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележан Ковид-19 не постар од 45 дена од денот на оздравување, без оглед на капацитетот на локалот или бројот на гости.

Со други зборови, еден од наведените документи ќе биде потребен за влез во сите угостителски објекти, кафулиња и барови и за настани од секаков вид – прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина.

Единствената разлика меѓу угостителските објекти со капацитет над 30 лица и оние со капацитет под 30 лица, според новите мерки на Владата, ќе биде тоа што во првите е задолжително воведување на редарска служба која ќе ги контролира сертификатите и ќе ја спроведува мерката, додека во овие вторите проверката на сертификатот ќе биде должност на редовно вработените лица.

Како што соопштија од Владата, мерките стапуваат на сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“ (вечерва), односно почнуваат да важат веќе од утре (18 август).

Од Владата посочуваат дека и натаму останува во сила забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИД – 19 документи.

Владата, како што беше најавено, донесе и нови мерки за влез и излез во државата:

Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат:

– сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени најмалку две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19; или

– сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или

– медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Република Северна Македонија.

За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата после 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Странските државјани кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата“, се наведува во соопштението.

- Реклама -