Новак Ѓоковиќ нема да биде сместен во олимпиското село


Според информациите од повеќе извори, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ нема да биде сместен во Олимпиското село за време на Олимписките игри во Париз, кои официјално ќе бидат отворени овој петок.

Како причина за ваквата одлука се наведува дека Ѓоковиќ решил целосно да се концентрира на единственото што му недостига во големата кариера, а тоа е индивидуалното олимписко злато. Во оваа смисла, смета Ѓоковиќ, престојот во олимпиското село ќе му го одземе драгоцениот фокус.

На последните Олимписки игри во Токио, тој беше сместен со сите други спортисти во селото, но вниманието му беше одвлечено од големата помпа што траеше околу него од првиот до последниот ден.

Единствениот индивидуален олимписки медал на Ѓоковиќ дојде од Пекинг, каде што ја освои бронзата во 2008 година. После тоа, во 2012 година во Лондон, на Вимблдон, прво беше поразен од Енди Мареј во полуфиналето, а потоа и од Хуан Мартин дел Потро во мечот за бронзениот медал.

Аргентинецот Дел Потро беше кобен за Ѓоковиќ веќе во првото коло на Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година, додека на последните Игри во Токио прво беше поразен во три сета од Германецот Александар Зверев во полуфиналето, а потоа и од Шпанецот Пабло Карено Буста, во три сета, во мечот за бронза.

Годинава во Ролан Гарос каде ќе се одржи олимпискиот турнир поради проблеми со коленото му го предаде четвртфиналниот меч на Каспер Руд, по што итно му беше извршена операција. Потоа играше во финалето на Вимблдон и вторпат по ред беше поразен од Карлос Алкараз во Лондон.

Во својата кариера, 37-годишниот Ѓоковиќ трипати го освои Ролан Гарос, во 2016, 2021 и 2023 година.

- Реклама -