Нова мерка притвор за Мијалков

Екс директорот на УБК Сашо Мијалков доби нов притвор од 30 дена. Овој пат, мерката е изречена во предметот „Империја“, истрага на СЈО за која веќе се во притвор Орце Камчев и уште три други лица. Според судот новиот притвор за Мијалков е баран и одобрен поради две основи- опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци. Утврдената опасност од влијание врз сведоци веројатно го спречува Мијалков да може да се надева да излезе од затворот во Шуто Оризари со гаранција.

Според Законот за кривичната постапка:

Член 150 од ЗКП

Судот… може да определи гаранција против лице… кога постојат околности што:

1. Укажуваат на опасност од бегство или

2. Го оправдуваат стравот дека обвинетиот ќе го повтори или доврши кривичното дело или ќе го стори кривичното дело со кое се заканувало.

Во исто време со изрекувањето на новиот притвор, СЈО побарале да му биде укината претходната мерка притвор на Мијалков, за случајот „Таргет-Тврдина“. Во тоа барање, тој беше притворен само по основот опасност од бегство, а со тоа, во теорија имаше право да понуди гаранција со имот или пари за да се брани од слобода.

Мијалков има право на жалба на новата мерка притвор во рок од 24 часа од нејзиното изрекување. Заедно со истрагата „Империја“ каде е осомничен, Мијалков е обвинет во четири предмети на СЈО.

- Реклама -