Нова изведба на Хамлет со музиката на Radiohead


Фронтменот на англискиот рок бенд Radiohead, Том Јорк, ќе го преработи нивниот албум „Hail to the Thief“ за нова театарска изведба на шекспировата „Хамлет“.

„Hail to the Thief“ е шестиот студиски албум на Radiohead, објавен во јуни 2003 година.

Пејачот и текстописец Јорк се здружи со режисерите Стивен Хогет и Кристин Џонс за адаптацијата, која беше опишана како „забрзан процес на дестилирање на делото“, а сето тоа дополнително ќе биде акцентирано со музиката од споменатиот албум.

Јорк го нарекува овој проект, приказна која не престанува да се раскажува, „интересен и застрашувачки предизвик“. Тој е задолжен за преработка и, како што се наведува, „деконструкција“ на албумот, а во текот на претставата музиката во живо ќе ја изведува тим од 20-ина музичари и актери.

Претставата „Hamlet Hail To The Thief“ светската премиера ќе ја има во април 2025 година во комплексот „Aviva Studios“ во Манчестер, по што продукцијата во јуни ќе се пресели во родниот град на Шекспир, Стратфорд-на-Авон.

Кристин Џонс досега главно се занимаваше со сценографија во театарот, а за нејзината работа на претставата „Хари Потер и проколнатото дете“ доби и награда Тони. Кореографот Стивен Хогет е повеќекратен добитник на наградата Оливие.

Изведбата ја опишуваат како „трескавично ново искуство што ги комбинира театарот, музиката и движењето“. „Со години посакував да го видам судирот на делото на Шекспир и музиката на Radiohead во театарска претстава, на крајот ја споделив идејата со Том кој се заинтересира“, рече Џонс.

Албумот „Hail to the Thief“ содржи 13 песни, од кои најпознати се „There There“, „2+2=5“ и „Go To Sleep“.

- Реклама -