Нова „бомба“: Српски тајкун му платил 300.000 евра на Кичеец, се спомнуваат референдум, Заев, Рашковски

Продолжува објавувањето на снимени разговори на мистериозни Јутјуб профили со цел да се оцрнат политичките противници.

Последна „бомба“ во низата е разговор меѓу Зоран Милевски – Кичеец и српскиот тајкун Мирослав Давидовиќ – Дака.

Во разговорот, во повеќе наврати Дака зборува дека му платил 300 илјади евра на Кичеец, а овој потврдува. Во неколку наврати се споменува и ген-секот на Владата – Драги Рашковски, а се спомнува и Заев.

Од разговорот се добива впечаток дека Кичеец посредува меѓу Дака и други лица кои требало да завршат некаква работа. Се зборува и за 2.000 квадрати што Дака требало да им ги даде во замена ако купи одредено земјиште.

Во неколку наврати се спомнува и референдумот, со тоа што Дака одбива, како што вели, да го финансира, бидејќи смета дека бил изигран…

Како што пишува „Плусинфо“, Мирослав Давидовиќ – Дака е контроверзен српски тајкун кому пред една година му беше направен атентат, а за кого српските медиуми пишуваа дека со руски пари финансирал преврат во Црна Гора.

Аудио снимката е објавена на Јутјуб профилот „Раце Лепливи“ – истиот оној што ја објави видео снимката на која се гледа Дончев како зема пари.

- Реклама -