Нова барикада од косовските Срби во северно Косово

Косовската полиција објави дека во текот на минатата ноќ е поставена нова барикада во регионот населен со мнозинско српско население во северно Косово, во населба во Северна Митровица на патот кон Звечан, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на полицијата се наведува дека состојбата во областа населена со мнозинско српско население останува непроменета и во осмиот ден по поставувањето на барикадите на патиштата од страна на локалните Срби и дека граничните премини меѓу Косово и Србија, Јариње и Брњак, и натаму остануваат затворени.

„Поставувањето барикади продолжува да ја нарушува слободата на движење, а исто така го оневозможува влезот и излезот на граѓаните и стоките на двата гранични премини. Во текот на минатата ноќ е поставена нова барикада во населбата Берџане која води кон Звечан, а продолжува попречувањето на слободното движење и на алтернативните патишта, со што и натаму се отежнува животот на граѓаните во северниот дел од државата“, се вели во соопштението, во кое полицијата порачува дека „ќе продолжи да се ангажира во пружањето безбедност за сите граѓани“.

Локални Срби започнаа минатата сабота, на 10 декември, блокади на патиштата и на граничните премини кон Србија во северно Косово, откако ден претходно беше приведен поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, осомничен дека организирал напади врз канцелариите на Централната изборна комисија и на припадници на полицијата на Косово, но и врз патрола на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.

По притисок од западните сојузници, пред сé на САД, прво на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистерски таблчички, а подоцна, на 9 декември и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.

Според косовскиот премиер, инцидентите во косовскиот север ги предизвикуваат криминални групи, диригирани од српскиот претседател Александар Вучиќ.

МИА

- Реклама -