Норвешка рециклира 97% од пластичните шишиња! Еве како

Сликовито речено, ако рециклирањето пластика беше Формула 1 трка, Норвешка ќе беше во убедливо водство пред светот за цел еден круг.

Преку организацијата наречена Infinitum, Норвешка создаде една од најефикасните и најеоколошки шеми за рециклирање на пластични шишиња. Резултатите се толку импресивни што веќе и други земји тргнаа по нивните стапки.

Според The Guardian, ваквата шема ѝ овозможува на Норвешка да рециклира 97% од сите пластични шишиња што ги користи. Само помалку од 1% завршуваат во животната средина.

Да е уште подобро, од дури 92% од рециклираните шишиња се добива висококвалитетен материјал кој се реупотребува дури и за шишиња за пиење вода. Во одредени случаи, истиот материјал е реупотребен веќе и по над 50 пати.

За да се добие појасна слика за тоа колку се извонредни овие бројки, доволно е Норвешка да се спореди со останатиот свет. На глобално ниво, дури 91% од пластиката не е рециклирана. Во океанот завршуваат по 8 милиони тони секоја година. Во САД, пак, стапката на рециклажа на пластични шишиња е само околу 30%. Во Британија е некаде меѓу 20 и 45%.

Што е „тајната“? 

Во денешно време, најчесто е поевтино да се произведе нова пластика отколку да ја рециклирате старата. Тогаш зошто компаниите, па и потрошувачите, би го правеле тоа што е добро за животната средина, а не она што е поевтино? Наједноставниот одговор е и најточниот – пари. А Норвешка успеа да го направи баш тоа – да му даде вредност на рециклирањето што претходно ја немаше, и тоа парична.

Имено, Норвешкиот модел е базиран на „позајмувачка шема“, што во пракса значи дека кога потрошувачот купува пластично шише, му се наплаќа мала дополнителна провизија еквивалент на 13 до 30 американски центи.

Потрошувачот потоа може да си ги врати овие пари на повеќе начини. Може да ги однесе пластичните шишиња до „обратна“ вендинг машина, која го чита баркодот на шишето и го враќа соодветниот паричен износ. Друга опција е потрошувачите да ги вратат шишињата во малите продавници или бензинските станици, во замена за кеш или ваучер кој можат да го искористат во продавницата. Сопствениците на продавниците исто така добиваат мала сума од секое рециклирано шише. Некои тврдат дека оваа шема дури и им го подобрила бизнисот.

 

„Сакаме да стигнеме до точка кога луѓето се свесни дека го купуваат продуктот, но само ја позајмуваат амбалажата“, вели Кјел Олав Малдум – извршен директор на организацијата Infinitum.

Но моделот не е насочен само кон потрошувачите. Владата ги таргетира и производителите на пластика, наплатувајќи им релативно висок данок за загрозување на животната средина. Колку поефикасно рециклираат производителите, толку повеќе се намалува данокот. Но освен „казна“, за производителите е предвидена и награда – доколку стапката на рециклажа на национално ниво достигне 95%, сите се ослободени од данок. Иако звучи како висока таргет бројка, Норвешка ја достигнува секоја од последниве седум години.

По успехот во Норвешка, тврдат од организацијата Infinitum, нив ги контактираат и претставници од многу други земји, вклучително Шкотска, Индија, Кина, Австралија итн. Германија и Литванија, како земји што прилично можат да ѝ парираат на Норвешка, исто така користат слични модели.

Во меѓувреме, во Норвешка има уште простор за подобрување. Годинава, според проценките на Infinitum, 150.000 шишиња нема да бидат вратени. А ако бидат, и потоа бидат рециклирани, тоа ќе значи дека е заштедено доволно енергија за да се напојуваат 5.600 домаќинства, цела година.

- Реклама -