Николовски: Во овие 4 години минималната и просечната плата пораснаа многу повеќе отколку во 11 години власт на ВМРО-ДПМНЕ

„Ја затекнавме минималната плата под 9 илјади денари, а денес е 15 илјади денари. До крајот на нашиот мандат ветувањето е дека таа ќе се искачи до 18 илјади денари“, изјави генералниот секретар на СДСМ – Љупчо Николовски, на вчерашната граѓанска трибина „Најдоброто за нашата општина“ во Охрид.

Зголемувањето на минималната плата, истакна Николовски, предизвика раст и на просечната плата која, како што рече, СДСМ ја затекнала на 23.000 денари, а денес е над 28.000 денари.

„За четири години имаме раст од скоро 6 илјади денари на просечната плата, а во претходните 7 години таа порасна само 2 илјади денари“, потенцираше тој.

Споредбите со ВМРО-ДПМНЕ, оцени понатаму Николовски, покажуваат значителен успех на Владата предводена од СДСМ, на секое поле.

„За 11 години тие рехабилитираа и изградија 600 километри патишта, додека ние за 4 години имаме модернизација, изградба и рехабилитација на над 1.000 километри патишта. За 11 години тие изградија 45 градинки, а сега за 4 години се изградија 59 градинки и очекуваме до крајот на годината да бидат пуштени уште 13“, рече Николовски, додавајќи дека и разликата меѓу понудата на СДСМ на претстојните локални избори ќе биде огромна во однос на политичките противници, пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

Како што рече Николовски, СДСМ за овие избори ќе ја има најмодерната и најразнолика коалиција, која ќе се надоврзе на сѐ што е досега направено:

„Внимателно ги селектираме кандидатите и програмите за престојните локални избори. Ќе го прашаме членството, но и јавноста за сите кандидати и нивните програми и визии за тоа како треба да изгледа нивната општина. СДСМ ќе продолжи на терен, заедно со граѓаните, да ги пишува програмите, да ги детектира приоритетите и проблемите и ќе продолжиме да работиме само и само во интерес на граѓаните“, подвлече тој.

- Реклама -