Николовски: Одлуката на Шекеринска да не се кандидира за заменик-претседател на СДСМ е лична

Одлуката на Радмила Шекеринска да не се кандидира повторно за заменик-претседателка на СДСМ, е лична – изјави генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на „ТВ 21“.

„Ова е период во кој што имаме само избран претседател на партијата, сите други органи на некој начин се во оставка. СДСМ постојано се менува и победува и сметам дека и во тој правец треба да продолжиме да работиме“, рече Николовски.

Тој објасни дека во моментов привршуваат општинските изборни конференции кои ќе предложат кандидати за членови на Централниот одбор на партијата.

„СДСМ е единствената политичка структура која што има општинска организација во секоја општина, тоа ниту една друга партија го нема. СДСМ е репрезент на сите етнички заедници и на сите структури во државата. Анкетите покажуваат дека имаме апсолутна предност кај малите етнички заедници. Концептот на 50-50 мажи и жени којшто го имаме, значи дека 60 членови на Централниот одбор треба да се жени, а 60 мажи. Имаме јакнење на младинските капацитети. Верувам дека ќе имаме одличен состав на следниот Централен одбор“, рече Николовски.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

Тој објасни дека сите партиски функции ќе бидат избрани на конгресот на 16 мај по изборот на Централниот одбор на партијата. Прашан за тоа дали тој ќе остане да биде генерален секретар на СДСМ и по конгресот, Николовски најави дека неговиот мандат досега го смета за успешен и дека ќе остави на структурите во партијата да одлучат.

„Од редот на новиот Централен одбор треба да се избере Извршен одбор, треба да се избере генерален секретар и потпретседатели. Од редот на Извршниот одбор се бира и организациски и меѓународен секретар“, посочи Николовски.

- Реклама -