Николоски: Нема притисок врз Бугарија бидејќи моќните ЕУ членки сметаат дека Македонија не е спремна за преговори

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува непроменет дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени, бидејќи никој од нас на изборите во 2020-та година не вети дека ќе прави промена на Уставот“, изјави денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во гостување во емисијата „За или Против“ на ТВ „Алфа“.

„Нашиот став е јасен, а тоа е дека сме против уставни измени. Еве нека ги поднесат во Собрание и ќе видат како ќе поминат. Апсолутно ставот на ВМРО-ДПМНЕ е ист и е непроменет. Ставот е јасен, цврст и непоколеблив, а тоа е дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени и никој од нас на изборите во 2020-та година не вети дека ќе прави уставни измени“, рече Николоски.

Тој побара распишување предвремени парламентарни избори, на кои партиите ќе кажат која за што се залага, па тогаш ќе се види, вели, „дали народот ќе даде поддршка за тие уставни измени“.

Според него, на такви избори ВМРО-ДПМНЕ би го презентирала својот план за „почеток на преговори со Европската Унија“ и за нивно успешно водење.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

Николоски потенцираше и дека Македонија не ги почнува преговорите со ЕУ не само затоа „што Бугарија се противи на тоа“, туку и затоа што, како што рече, „неколку исклучително моќни земји членки на Европската Унија“ сметаат дека не сме подготвени за старт на преговорите „поради високото ниво на криминал и корупција“.

Доколку Македонија би се изборила со криминалот и корупцијата и би поставила добри стандарди, тогаш работите би се смениле и ќе се зголеми притисокот врз Бугарија за да го смени ставот, смета Николоски.

„Врз Бугарија нема никаков притисок по однос на уцените кои ги прави врз Македонија, а тоа е пред сѐ затоа што моќните земји членки сметаат дека Македонија не е спремна за почеток на преговори за членство со Европската Унија и ја оставаат Бугарија да прави што сака затоа што мислат дека државава не е спремна“, рече Николоски.

- Реклама -