Николоски и Милошоски на молитвен појадок во Вашингтон во организација на Доналд Трамп

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски, заедно со прeтседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието – Антонио Милошоски, наредниве денови ќе бидат во работна посета на Вашингтон, информираат од ВМРО-ДПМНЕ. Во рамки на посетата на Вашингтон ќе присуствуваат на молитвениот појадок во организација на Претседателот на САД, Доналд Трамп. Молитвениот појадок претставува најпрестижен политички настан во САД на кој доаѓаат врвни политичари од САД и целиот свет, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

„Покрај присуството на молитвениот појадок Николоски и Милошоски ќе имаат и голем број билатерални средби со конгресмени, сенатори и претставници на тинк тенкови и институти како и средби со македонската дијаспора која е од огромно значење за државата.

Николоски и Милошоски ќе се сретнат со Сенаторот Мајк Ли и конгресмените Мајк Дојл и Роберт Адерхолт. На средбите во Сенатот и Конгресот на САД Николоски и Милошоски ќе информираат за политичката состојба во Македонија, за криминалот и корупцијата како и за економското фијаско и уназадувањето на државата, но исто така ќе ги информираат соговорниците за плановите на ВМРО-ДПМНЕ и обновата која следи после победата на парламентарните избори во април.

Прочитајте и:  Петрушевски: МЕПСО под СДС и ДУИ склучило договор со албанска фирма за набавка на уред за 3 милиони евра поскапо од тоа што предвиделе

За време на посетата се очекува и средба со Паул МекКарти – директорот за Европа на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ), а се планира и средба со потпретседателката на Националниот Демократски Институт (НДИ) Шери Брајан. Покрај средби со двата институти Николоски и Милошоски ќе остварат средба и со директорот за надворешна политика на реномираната фондација Херитиџ. За време на својот престој во Вашингтон се очекуваат и средби со македонската дијаспора во Америка.

Бројните средби со високи претставници во САД значат зајакнување на пријателството со САД и потврда за стратешката определба на ВМРО-ДПМНЕ. Делегацијата ќе ја потврди уште еднаш заложбата на ВМРО-ДПМНЕ Република Македонија што е можно побрзо да стане земја членка на ЕУ и НАТО и обновата на Македонија која следи после победата на парламентарните избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -