Сите што играле тркачки видео игри, додуша од „поновите“ (од 2000-та па наваму), веројатно знаат што е Ghost Mode. Тоа е всушност Time Trial трка во која се тркате против холограмски автомобил кој всушност го претставува вашето најдобро време на стазата. Тркањето сам со себе ви дозволува да увидите каде ви се грешките и да ги поправите до степен на усовршување.
Е па сега тоа го има и во реален живот, на стазата за трчање под покровителство на Nike во Манила, Филипини. Стазата е долга 200 метри и од птичја перспектива има форма на стапало. Работи така што прво го поставувате своето прво време, а потоа сензорот прикачен на вашата патика дозволува вашиот виртуелен аватар да трча покрај вас, прикажувајќи разни податоци, како споредба на брзината и времето со која ги минувате различните етапи во кругот – впрочем, како во вистинска трка.
Стазата дозволува до 30 учесници да се натпреваруваат сами со себе и е влажен хај-тек сон на секој што е страсен околу своето трчање.