Независна правна анализа: ФИФА треба да го суспендира Израел


Меѓународната фудбалска конфедерација (ФИФА) треба да му забрани на Израел да учествува во сите фудбалски активности поради војната во Појасот Газа, се наведува во независната правна анализа на адвокатите специјализирани за меѓународно право и човекови права.

Уште во мај, Палестинската фудбалска асоцијација (PFA) побара од ФИФА да го суспендира Израел поради „геноцидот што го врши во Газа“, а ова барање беше поддржано од Азиската фудбалска конфедерација (AFC). ФИФА одговори на тоа барање барајќи итна правна проценка на ситуацијата, ветувајќи дека истото ќе биде претставено пред јавноста на вонредниот состанок на нејзиниот совет во јули.

„Нема сомнеж дека однесувањето на Израел во Палестина ги поткопува сите цели на ФИФА. Израел ги прекрши меѓународно признатите човекови права на Палестинците кршејќи го членот 3. Ги дискриминира Палестинците врз основа на раса, националност и раѓање директно кршејќи го членот. Неговото однесување ги поткопува хуманитарните цели опишани во член 5.1(б). Затоа, однесувањето на Израел налага суспензија, во согласност со ставот усвоен од ФИФА во врска со слични прекршувања на нејзините цели и меѓународно признати човекови права“, се вели во оценката на адвокатите Макс ду Плесис и Сара Пудифин-Џонс, кои беа ангажирани од непрофитната организација за социјална правда Eko.

Од Eko додаваат дека нивната петиција со која се бара од ФИФА и Меѓународниот олимписки комитет (МОК) да го исфрлат Израел од меѓународните спортски натпревари, собрала повеќе од 380.000 потписи.

Претседателот на PFA, Џибрил aл-Раџуб изјави дека суспензијата на Израел ќе биде во согласност со претходните одлуки на ФИФА за суспензија или протерување на нејзините членови кои ги прекршиле нејзините цели. Така, Јужна Африка беше суспендирана во 1961 година поради спроведувањето на апартхејдот, на Југославија ѝ беше забрането да се натпреварува во 1992 година поради кршење на санкциите на ОН, а во 2022 година и ФИФА и УЕФА веднаш реагираа со суспензија на Русија и Белорусија поради инвазијата во Украина.

Претходно, PFA побара суспензија на Фудбалскиот сојуз на Израел (IFA) поради кршење на меѓународното право од страна на израелската влада, но и поради дискриминација на арапските играчи. Познато е дека и пред почетокот на војната во Газа, некои израелски клубови одбиваа да ангажираат играчи доколку се Арапи.

- Реклама -