Проектот Freedom Ship е еден од најамбициозните во светот. Освен што, според предвидувањата, ќе биде најголемиот брод изграден досега, тој ќе претставува дом за повеќе од 50 илјади луѓе.
Пловниот град/брод ќе биде долг 1,6 километри и ќе има 25 спрата. Ќе биде тежок неверојатни 2,7 милиони тони, што значи дека не постои пристаниште каде ќе може да биде прикотвен – затоа постојано ќе го обиколува светот и ќе патува до речиси сите најпознати крајбрежни области на Земјата, а жителите ќе имаат можност да го видат секој агол од планетата, без воопшто да се одалечат од домот. Сепак, за да не биде целосно изолиран од светот, но и поради големата потреба од набавка на продукти, бродот ќе поминува 70% од времето крај големите градови.
На своите жители, бродот им нуди поволности како и секој просечно развиен град – ќе располага со училишта, болници, паркови, аеродром и трговски центар. За богатите ќе има дополнителни привилегии, како хангари за приватните авиони, марина за нивните јахти и голф терени.
Патниците ќе имаат широк избор на забавни активности. Престојот вклучува и ноќни клубови, базени, театри, терени за кошарка, игралиште за тенис, куглана, лизгалиште, па дури и можности за риболов. Домовите ќе бидат опремени со 100 ТВ канали од целиот свет, како и пристап до интернет.
Згора на се, според планерите, проектот е и еколошки-ефикасен; имено, секој жител ќе произведува 80 проценти помалку отпад отколку кога би живеел во куќа или стан. Пловниот град вклучува и пречистителна станица, која целосно ќе го преработува отпадот од канализацијата, од кој дел ќе биде искористен за ѓубрење на цветните алеи и зелени површини.
Иако првичните планови беа да влезе во погон во 2001 година, изградбата на бродот се уште не е започната. Причината е во финансирањето. Во 1999 година се проценуваше дека ќе требаат 6 милијарди долари за неговата изградба. Во 2002 година, износот се зголеми до 11 милијарди долари, а сајтот на компанијата-градител – Freedom Ship International (FSI), престана да ги објавува имињата на инвеститорите во проектот.