Бугарија си има работа со, од оваа страна, „неискрени патриоти“, а во Скопје сите тие патриоти многу ќе жалеле, односно ќе ги барале Борисов, Захариева и Каракачанов, вели Љубчо Нешков – сопственикот на бугарската новинска агенција БГНЕС, во изјава за емисијата „Трилинг“, пренесува „Локално“.
Според него, никој во Софија не се интересира за јазикот и идентитетот на Македонците, туку Бугарија сѐ што сака е да се исполни Договорот од 2017 година. Нешков порачува Македонија изгубила „две златни години“ во кои сме можеле да решиме многу прашања и да отвориме една голема перспектива.
„Прво зависеа од изборите во Македонија, па се запре работата на Комисијата и општо сите разговори беа прекинати. Сега се чека на овие избори во Бугарија во услови кога може нема да има влада. Што има Македонија да чека нови парламентарни или претседателски избори во Бугарија?“, прашува Нешков, алудирајќи дека бугарската позиција нема да се промени без оглед кој ќе биде на власт. Таква порака, впрочем, во безброј прилики испраќаа и самите Каракачанов и Захариева, како и низа аналитичари.