„Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Ние целосно го почитуваме тоа“, објави денеска на Твитер претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Заедно со пораката, Фон дер Лајен го ретвитна и делот од своето вчерашно обраќање во Скопје, каде пред пратениците во Собранието порача „Иднината на вашата земја е во Европската Унија, а Европа не е цела без Северна Македонија. Ве сакаме во ЕУ! Ви благодарам“.
Претходно денеска, портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант, одби да даде прецизен одговор дали Европската Унија го признава македонскиот јазик.
Одговарајќи на новинарско прашање Спинант рече дека вчера претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен говорела за „јазикот што го користат луѓето во Северна Македонија“.
„Изјавата на претседателката значи тоа што значи. Таа зборува за јазикот користен од луѓето во Северна Македонија, што таа го нарекува македонски јазик. За импликациите што ова ќе го има за нешто што е повеќе техничко како, на пример, Договорот за Фронтекс, ќе прашам. Проверував за да видам дали има нешто ново, но нема. Ќе проверам дали има нешто ново и дополнително ќе ве информирам, сега засега нема ништо ново“, рече Спинант.
На дополнително прашање дали вчерашната изјава на Фон дер Лајен значи дека Европската комисија го признава јазикот како македонски, Спинант рече дека не сака да се впушта во интерпретација на сите синоними во изјавите на претседателката на ЕК.
По изјавата на Спинант, Марјан Забрчанец – национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, на Фејсбук објави дека портпаролката на ЕК направила крајно непрофесионален гаф.
„Крајно непрофесионален гаф на портпаролката на ЕК со кој предизвикува вознемиреност кај македонскиот народ и кај сите граѓани на државава. Европската Комисија мора веднаш да се коригира после ваквите изнесени невистини и да преземе мерки против ваквото неодговорно однесување на портпаролка која неподготвена излегла да зборува спротивно од фактите и спротивно од нејзината претпоставена“, објави Забрчанец.
МИА