Не се остварија шпекулациите дека екс-директорот на УБК – Сашо Мијалков, во вторник ќе излезе од истражниот затвор „Скопје“ и мерката ќе му биде заменета со куќен притвор.
Апелациониот суд во Скопје, по негативното мислење од вишиот обвинител Бурим Рустеми, денеска ја одби жалбата и понудената гаранција на одбраната на Мијалков – од 10.8 милиони евра – и со тоа ја потврди одлуката на Кривичниот суд, кој и покрај позитивното мислење од обвинителот Артан Ајро не дозволи куќен притвор за Мијалков.
Со одлуката на Апелација, Мијалков останува во Шутка, каде што беше спроведен на 26 февруари за случајот „Трезор“ за нелегална набавка на софтвер за следење електронски комуникации, за кој доби првостепена пресуда од 8 години затвор. Во меѓувреме, Мијалков доби првостепена пресуда од 12 години затвор и за нелегалното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“, а следната недела го очекува и пресуда за „Тортура“ за приведувањето на Љубе Бошкоски.
Против екс-директорот на УБК се води и судски процес за случајот „Титаник 2“, а осомничен е и во истрагата „Империја“. Од неодамна беше покренато обвинение и за „Плацови на Водно“, кое судот допрва треба да одлучи дали ќе го прифати.
Шпекулациите за негово пуштање во куќен притвор, инаку, се засилија откако во петокот обвинителката Ленче Ристоска ја затвори предистрагата за бегството на Мијалков, која не утврди никаква кривична одговорност, односно во која не се утврдило дека некој му дојавил на Мијалков за изречената мерка куќен притвор за „Таргет-Тврдина“, а во која, патем, не е утврдено ниту каде се криел сѐ до моментот кога „сам се појави“ пред Обвинителството за лично да си го подигне решението. Како што рекоа од Обвинителството, веројатно во моментот кога полицијата му тропнала на врата, додека била задржувана од неговото обезбедување, тој преку задната врата од својата куќа избегал и се сокрил во некој од објектите во близина.