Неконвенционални тактики за стимулирање на креативни умови во подем

Ексцентричноста е знак за висока продуктивност, а неоспорно е и честа карактерна особина на некои од најгенијалните луѓе. Дел од нив биле убедени дека не само што „чудното однесување“ е плод на стимулиран ум, туку и самото ексцентрично однесување го стимулира умот.

creativity638
Многу секс. Истражувачите на Универзитетот „Конкук“ во Сеул, Јужна Кореја, заклучуваат дека активниот љубовен живот ги подобрува когнитивните функции и ја поттикнува неврогенезата (раѓањето на нови неврони) преку потиснување на хроничниот стрес. Всушност, многу големи умови во историјата биле и многу сексуално активни. Кај некои дури и страдала работата, пред сé поради јавната осуда. Таков пример е француската математичарка Емили де Шатле, чиј пионерски научен труд од почетокот на 18-от век не наишол на признание заради нејзиниот активен сексуален живот.

Многу злато. Д-р Јошико Накамацу од Јапонија е сопственик на преку 3300 патенти за пронајдоци, вклучувајќи го и флопи-дискот. Познат е по тоа што сакал да се повлекува насамо во својата посебна соба, која всушност била бања – целосно прекриена со 24-каратно злато. „Златото ги блокира радио-брановите и телевизиските сигнали, кои се штетни за имагинацијата”, вели тој.

Ладен туш. Бенџамин Френклин ќе остане во историјата и по тоа што секојдневно излегувал да поплива во ледените води на лондонската река Темза. Теодор Рузвелт исто така сакал да си приредува телесни температурни шокови, како пливање речиси гол во реката Потомак во Вашингтон секоја зима. Потопувањето на телото во екстремно ниски температури има докажани ментални и физички бенефиции, кои се навестуваат уште од антиката. Хипократ тврдел дека водената терапија секогаш ја победува менталната или физичката слабост.

Супата на Едисон. Томас Едисон имал свој специфичен процес на интервјуирање на кандидатите за работа. Освен што барал луѓе компетентни во повеќе различни области истовремено, тој го применувал и „тестот со супата”. Ги канел кандидатите на ручек, каде што им била послужена супа. Секој што ќе ја посолел пред да ја проба, паѓал на тестот. За Едисон тоа значело дека човекот е склон да донесува одлуки врз основа на недокажани претпоставки.

Глад. Питагора (старогрчки филозоф и математичар) редовно гладувал во времетраење од 40 дена. Тој ги учел своите ученици дека гладувањето на редовни интервали и сведувањето на „храната“ само на вода,, ја стимулира способноста за перцепција на умот и креативната сила. Модерните истражувања покажуваат дека гладувањето го зголемува производството на невротрофичниот фактор BDNF во мозокот, кој го помага функционирањето на меморијата и растот на новите мозочни клетки.

Плачење. За да бидеш како Стив Џобс, мораш да им дозволиш на солзите слободно да се леат. Во официјалната биографија на визионерот на Apple се наведува дека тој плачел небаре без престан. Плачел од тага кога бил разочаран и работите не се одвивале како што тој сакал, а плачел од среќа кога работите се одвивале според замисленото. Можеби е само изговор, но Џобс тоа го нарекувал „чистота на духот“. Факт е: солзите го намалуваат стресот.

Бркање од школо. Да те избркаат од училиште, да те шутнат од некаква друга институција или друштвена организација, може да не значи дека си мрзелив и не сакаш да учиш, туку дека не го добиваш знаењето во онаа сфера која навистина те интересира, или пак дека знаењето не ти се пренесува во вистинската за тебе форма. Меѓу познатите луѓе кои биле избркани од вакви или онакви институции за обука се и Бил Гејтс, Марк Цукерберг, најмладата жена милијардер на САД – Елизабет Холмс и други. Таквите луѓе имаат три заеднички основни квалитети: тоа се автодидактични личности (учат на сопствен начин и по сопствен план), успеваат да разберат сложени и нетипични модели и подобро ја предвидуваат иднината, храбри се и преземаат смели одлуки.

Пасење на мозокот. Џоан Роулинг – авторката на „Хари Потер“, е меѓу најпознатите уметници на нашето време, а освен што е талентирана, важи и за многу срамежлива личност. Често патувала со воз, па кога ќе и дошла идеја за нов херој во приказната, обично немала пенкало при рака за да ја запише. Роулинг морала да направи напор што повеќе да размислува за идејата, со цел да ја запамети. Не само што тоа и успевало, туку на овој начин Роулинг ги усовршувала идеите, оставајќи го умот да талка со часови додека патувала. Наместо да изгради избрзани заклучоци за своите херои, нејзината срамежливост и повлеченост и помогнале да ги усложни и развие ликовите. Нејзината креативна фаза е позната како „инкубација“. Секој човек поминува низ таква фаза кога неговиот ум потсвесно ќе ги синтетизира сите информации со кој се здобил за време на свесната работа. Роулинг му овозможува на умот да „збеснува“, да се простира. Тоа е процес на „мозочно скитање”, при што информациите „се подготвуваат“ да еруптираат во форма на чиста генијалност.

- Реклама -