Ако сте нé читале и порано, можеби ќе се сетите кога ви пишувавме за изборот „Мис камила“ што секоја година се одржува во Саудиска Арабија.
Овогодишното издание на едномесечниот фестивал посветен на камилите е моментално во тек, но самиот избор за најубава камила не помина без неправилности. Неколку од „учесничките“ се дисквалификувани поради илегални модификации – им бил вбризган ботокс во лицето за да бидат поубави.
Ако тоа прави да се прашувате која е крајната граница на „љубовта“ кон камилите на фестивалов, веднаш ќе ви кажеме – џебот. Вкупниот награден фонд за трките со камили и победничката на натпреварот за најубава камила изнесува околу 60 милиони долари; тоа се доволно причини (иако нималку оправдани) за некои луѓе да одат до крајности, па дури и до степен на нехуманост и насилство.
Поради ботокс се дисквалификувани 12 учесници и нивните камили. „Им го вбризгуваат во усните, носот и вилиците на камилите, сé со цел да изгледаат поголеми и пополни. На таквите луѓето повеќе им се восхитуваат“, изјави синот на извесен Арап кој важи за најдобар одгледувач на камили во Емиратите.
Според пишувањата во саудиските медуми, неодамна бил уапсен и еден ветеринар фатен на дело додека извршувал „естетски зафат“ на една камила. Се обидувал да ѝ ги поткастри ушите, за да биде физички попривлечна.
Фестивалот, од своја страна, има правило дека сите камили што учествуваат мора да се „природни“. Не се дозволени било какви „модификации“. Мерките против мамењето вклучуваат и анализа на крвта, чипување, како и заклетва од сопственикот дадена пред Куранот“.
Но строгите мерки нека не ве лажат. Веројатно постојат поради парите, а не толку од љубов кон камилите. Како што пишавме и во текстот линкнат погоре, дел од камилите кои нема да се најдат меѓу победничките, ќе завршат како вечера.
Вака отприлика изгледа настанот:
(Фотографиите се од 2015-та)