Неизлечива гонореја се шири преку оралниот секс

Пораснавме во свет способен да се избори со микроорганизми и бактериски инфекции кои се провлекуваат во нашето тело преку отворени рани или слаб имун систем. Ама времињата се сменија и тој свет полека го снемува.

Докторите и научниците постојано предупредуваат дека бактериите постојано се адаптираат на антибиотиците со кои некогаш ги лечевме. Различните бактерии развиваат отпорност со различна брзина, ама крајната дестинација им е иста – точката од која нема враќање и веќе ниту една количина или комбинација од познати антибиотици не делува на нив.

На засега краткиот список на овие зарази е и бактеријата која ја предизвикува најчестата инфекција која се пренесува преку сексуален пат – гонорејата (позната и како трипер). Според серијата нови извештаи на СЗО (Светска здравствена организација), ситуацијата е полоша отколку што мислевме. А експертите велат дека оралниот секс само го влошува проблемот.

Анализата на податоците од 2009-та до 2014-та година, собрани од 77 земји, покажува дека практично секаде се откриени случаи на гонореја отпорна на антибиотици. Во 97% од анализираните земји, на пример, имало гонореја отпорна на ципрофлсацин. Тоа не е големо изненадување, бидејќи докторите знаат дека повеќето од најистакнатите лекови, вклучувајќи го и пеницилинот, веќе не делуваат против бактериите кои предизвикуваат полово пренослива болест, трипер.

Таквиот податок ги натера здравствените агенции и центрите за контрола на болести да препорачуваат лечење со комбинирана терапија од еден стандарден антибиотик – азитромицин, помешан со една друга класа антибиотици кои инаку им се даваат на најтешките случаи – познати како цефалоспорини со широк спектар, т.е. ESC.

Проблемот е што во 81% од земјите, истражувачите на СЗО исто така забележале и сé поголема отпорност на азитромицин, а во 66% од земјите откриле и дека одредени типови на бактеријата развиваат отпорност на ESC. Уште полошо, откриени се три случаи, во Јапонија, Франција и Шпанија, каде докторите пријавиле целосна отпорност на секој лек со кој се обиделе. Но овие три случаи веројатно се само видливиот дел „од сантата мраз“, под кој се крие поголем број, особено со оглед дека системите за дијагностицирање и пријавување на неизлечиви инфекции не се развиени во сиромашните земји, каде случаите на гонореја се всушност многу почести.

Потенцијалната штета од широко распространување на супер-гонорејата би била застрашувачка. Оваа болест обично не е смртоносна, а луѓето кои ќе ја закачат, особено жените, дури и не покажуваат симптоми на инфекцијата. Ама ако не се лечи, гонорејата може да доведе до оштетувања и воспаленија на гениталиите, кои на крај можат да резултираат со стерилитет и кај мажите и кај жените. Истовремено, го прави организмот помалку отпорен на други инфекции, како HIV. Може да се пренесе и од мајка на дете додека е во матката, зголемувајќи го ризикот од спонтан абортус или раѓање на слепо дете.

Во 2015-та се регистрирани речиси 400 илјади нови случаи на гонореја во САД, раст на стапката за кој докторите сметаат дека е потпомнат токму од отпорните видови гонореја. На светско ниво, има околу 78 милиони новоинфицирани годишно.

Но отпорноста на антибиотици не е единствената причина зошто гонорејата се враќа со освета. Авторите на СЗО истакнуваат и дека луѓето поретко користат кондоми, почесто патуваат, а не се тестираат. Но дури и да го прават тоа, ако не најдеме повеќе и нови опции за лечење, прашањето е кога, а не дали супер-гонорејата ќе стане секојдневна појава.

Од друга страна, причината за отпорноста на гонорејата на антибиотици не се крие само во лековите против гонореја. Потпомогната е и од прекумерната употреба на антибиотици при лечење на релативно полесни заболувања. Тоа е така затоа што триперот и неговите безопасни роднини можат да живеат и во човечкото грло (таму можат да дојдат преку фелацио, не и преку канилингус). Кога со антибиотици лечиме инфекции како обично воспаление на грлото, на пример, тие се мешаат со видовите на трипер во грлото, кои така стануваат отпорни. Потоа, кога луѓето имаат орален секс без заштита, овие видови на инфекции се шират и пренесуваат.

Моментално се тестираат нови лекови (иако само еден е во завршна фаза), а и комбинации од стари лекови кои би можеле да послужат во меѓувреме. Еден од истражувачките тимови дури истражува и средство за испирање на уста, со цел да ја запре заразата со гонореја уште во грлото. Но, заедничко за сите овие напори е што им недостасува финансирање и се соочуваат со незаинтересираност од фармацевтските компании. Новите антибиотици, за разлика од нов лек за срце, на пример, тешко би им оствариле заработка, бидејќи се земаат само привремено, а не и при хронични заболувања.

- Реклама -