Озлогласениот советник во Општина Охрид – Нефи Усеини, во изјава за „Сител“ демантира дека вчера го претепал сограѓанинот Спире Топалоски со кундак од оружје. Според него, имало само вербална расправија, која резултирала со две-три шлаканици.
Одземените материјали од надзорните камери во хотелот каде бил претепан Топалоски, меѓутоа, не велат така. Како што објави „А1он“, при прегледувањето на снимките од страна на полицијата, но и по разговорите со очевидци, било констатирано дека Усеини, неговиот брат, и уште две лица, навистина користеле пиштол во нападот на Топалоски. Тоа е наведено и во кривичната пријава:
„СВР Охрид, до надлежното Јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против Н.У.(45) и И.У.(48), двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ‘насилство’ и ‘неовластено држење на оружје или распрскувачки матeријали’“, соопштуваат од МВР.
По наредба на Јавен обвинител, СВР Охрид синоќа извршил и претрес во домовите на пријавените, а се преземаат мерки за нивно пронаоѓање и за целосно расчистување на случајот.
Според натепаниот Топалоски, до инцидентот дошло поради бизнисменот и спортски работник, но и татко на актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода (Филип) – Зоре Темелковски, со кого имале несогласувања околу имотни прашања и кој го пријавил кај Нефи Усеини. Топалоски тврди дека кога пристигнал пред хотелот таму бил и Темелковски, но одбил да зборува со него и побарал да зборува директно со Усеини кого го поканил во својот автомобил. Веднаш штом притиснал на педалот за гас за да тргне, Нефи почнал да го удира. Тој пробал да му врати и да му го земе пиштолот, но Нефи успеал да се одбрани, по што го вперил оружјето кон 14-годишниот син на Топалоски. Потоа се вклучиле и братот на Нефи и уште две лица, раскажува нападнатиот охриѓанец за „Сител“.
Бизнисменот Зоре Темелкоски, пак, негира дека е причина за инцидентот.
„Не сум бил сведок. Јас кога го палев џипот, застана еден џип. Јас си заминав. Ми се јавија другари од каде што пиеме секој ден кафе и ми рекоа дека нешто се испокарале, ама не знам што“, изјави тој вчера за порталот „Охрид1“.