Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу во изјава за МИА вели дека парадокс е тоа кога од таткото имотот го зема синот, во случајот со купувањето на трите стана и гаража на Водно, конфискувани од екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, во случајот „Империја“ од неговиот син Јордан Мијалков.
-Ова што се случува е парадокс кога од таткото имотот го зема синот. На Агенцијата ѝ е најважно дека тие пари што се стекнати на криминален начин, ги вративме кај граѓаните, заради тоа што законот им дозволува на сите правни и физички лица да учествуваат во јавната аукција, освен осудениот, потенцира Небиу.
Посочува дека тие немаат законска можност да го ограничат тоа. Најважно, вели тој, е парите се враќаат кај граѓаните.
-Јас сум за да се смени законот, да нема право блиската фамилија да учествува на аукцијата и веќе почнавме постапка за тоа, рече Небиу за МИА.
Фирмата на Јордан Мијалков, „Бест веј инвестмент“ е новиот сопственик на трите стана и гаража на Водно, конфискувани од неговиот татко, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, во случајот „Империја“. Овој имот беше продаден во ноември на јавно наддавање преку Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што пред продажбата свикаа и прес-конференција, на која се пожалија дека биле заплашувани од страна на сопственици на имотот при обидите за продажба.
Според податоците од Агенцијата за управување со одземен имот, што ги побара БИРН, двата елитни стана на улицата Славејко Арсов од 73 квадрати се продадени по 102.000 евра, оној од 78 квадрати за 107.000 евра, додека за гаражата од триесетина квадрати, фирмата на Мијалкови платила 20.000 евра.
Оваа цена, која била постигната на јавното наддавање, е за само неколку стотици евра повисока од првично проценетата од страна на Бирото за судски вештачења. Промената на сопствеништвото веќе е направена во Катастарот.
Како сопственик на „Бест веј инвестмент“ се води постариот син на Сашо, Јордан Мијалков. Фирмата е формирана есента во 2015 година, во екот на политичката криза, поради објавувањето на прислушуваните материјали за кои Сашо Мијалков беше обвинет како поранешен прв човек на УБК.
Јавното обвинителство, во случајот „Империја“, од Мијалков конфискуваше имот со проценета вредност од околу 15 милиони евра. Мијалков тогаш призна вина, а доби и три години затвор за предметот во кој беше обвинет за перење пари.
МИА