„Безбедноста на енергетските блокови на нуклеарката во Запорожје на ниту еден начин не е загрозена“, изјави денеска рускиот амбасадор во Обединетите нации – Василиј Небензја, на седницата на Советот за безбедност на ОН
„Според проценките на раководството на Агенцијата за атомска енергија изнесени во соопштението од 4 март, работата на нуклеарната централа продолжува нормално, а безбедноста на шесте енергетски блокови ништо не ја загрозува“, изјави рускиот амбасадор.
Според него, руските војници не се мешаат во работата на операторите во нуклеарната централа.
„Целта на руските сили е да се гарантира безбедност на нуклеарната централа“, додаде Небензја.
Тој нагласи дека не се точни информациите оти отворањето оган од руска страна го предизвикало пожарот во нуклеарната централа. Исто така, додаде и дека се лажни изјавите оти руската армија ја нападнала нуклеарката во Запорожје.
„Западот и Киев предизвикуваат лажна хистерија поради ситуацијата во Украина, вклучително и со свикувањето на седница на Советот за безбедност на ОН“, рече рускиот амбасадор, оценувајќи дека сето тоа е дел од кампањата без преседан на лаги и дезинформации против Русија.
„Се обидувате да ги претставите работите така што нуклеарната централа во Запорожје наводно била изложена на оган од руски војници и дека на тој начин избил пожар. Таквите изјави немаат никаква врска со реалноста. Целта е да не се дозволи украинските националистички или други терористички групи да ја искористат ситуацијата за да предизвикаат нуклеарна провокација, да се гарантира безбедноста на нуклеарната централа и да не се дозволи прекин во снабдувањето со електрична енергија за Украина и европските потрошувачи“, изјави Небензја.
Според американската амбасадорка во ОН – Линда Томас-Гринфилд, синоќа во борбата за Запорожје „светот за влакно избегнал нуклеарна катастрофа“. Таа побара гаранција од Москва дека таков напад нема да се повтори.
Гринфилд оцени дека нападот укажува на „опасна нова ескалација“ на руската агресија против Украина и предупреди дека „непосредна опасност“ сè уште постои, наведувајќи дека руските војници се оддалечени 32 километри од вториот по големина нуклеарен објект во Украина.
Воените операции околу нуклеарните локации се неприфатливи и неодговорни, порача заменик-генералниот секретар на ОН за политички и мировни прашања – Розмари ДиКарло.
„Нападите врз нуклеарни постројки се спротивни на меѓународното хуманитарно право. Треба да се направат сите напори за да се избегне катастрофален нуклеарен инцидент“, повика таа.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, на седницата потврди дека при пожарот немало оштетувања ниту на безбедносниот систем, ниту на ректорите.
„Во текот на ноќта добивме информација дека проектил паднал во објектот во близина на реакторот, по што избувнал пожар, кој по извесно време бил изгаснат“, потврди Гроси.