Парите од „Рекет“ да се бараат кај Зоран и Вице Заеви, порача денеска Бојан Јовановски, или така барем пренесоа медиумите, откако беше осуден на вкупно 9 години затвор за „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ – дела за кои поединечно се предвидува од 1 до 10 години затвор.
Изјавата на Боки 13 предизвика бурни реакции во јавноста, но неговиот адвокат Сашо Дуковски не е убеден дека истата се однесува на конкретните пари во случајот.
„Бев полуконцентриран кога тој зборуваше, не сум сигурен дека мислеше на конкретните пари. Не сум сигурен, ќе ја видам изјавата. Можеби мислел на парите од рекетите во Македонија, а не на конкретните пари. Не сум сигурен“, вели Дуковски за „А1он“.
Од друга страна, ваква изјава на Боки 13 би била доста глупава, особено откако на 36 рочишта, како што посочува „А1он“, тој и неговиот адвокат тврдат дека во торбата изнесена од домот на Орце Камчев немало 1.5 милион евра. Дуковски сѐ уште инсистира дека пари, барем според доказите, не постојат:
„Гледате дека парите не се најдени. Јас не можам да коментирам каде се парите. И има уште еден факт, не видовме пари. Јас мојата одбрана ја темелам врз основа на тоа што што го имам како доказ“.
Ваквите нелогичности, сепак, произлегуваат од лошо пренесената изјава на Јовановски. За разлика од насловите во медиумите, дека парите од „Рекет“ се кај Заеви, Јовановски беше мошне внимателен во тоа како ја формулираше изјавата. Неговите точни зборови (можете да ги проверите од 58 минута во видеото) гласеа:
„Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви, не кај Бојан Јовановски!“.
Вака формулирана, во право е Дуковски, не може да се тврди дека изјавата се однесува на конкретните пари од „Рекет“.