„Не се плаши од смртта, ама кога ќе умирам, потсети ме дека сум го рекол ова“

reservoir_dogs_harvey-keitel-wallpaper[1]

„Невозможно е да бидеш искрен во филмскиот бизнис. Едноставно така стојат работите. Секој, кога аплицира за работа, се убива од лажење“. И Харви Кејтел лажел. Во неговото прво резиме сé било измислица, освен неговото сопствено име. „Се погрижив да наведам претстави во кои наводно имам глумено, а што се играа стриктно надвор од мојот град“.

Кога бил дете, многу крадел. Ќе рече дека тоа имало значаен удел во тоа да го избере актерството како животна професија – „мораш да се преправаш дека не си украл“.

„Некогаш крадев гулаби од туѓи гулабарници и ги носев во мојот. Ја правев грешката прерано да ја отворам вратничката – а тие само ќе одлетаа назад во своите. Некогаш крадев и од супер-маркети, нешта како компири, кои потоа ги печевме на оган.

…Еднаш ме фатија додека крадев свеќи. Ги ставив под кошулата и кога бев на прагот да излезам, ми паднаа. Бев преплашен. Се замрзнав на место. Ми се чини дека и сега стојам во таа продавница. Но, не добив којзнае каква казна, а оттогаш и се опаметив. Почнав да носам поголеми кошули“.

10211255-harvey-keitel-nu-dans-bad-lieutenant[1]Подоцна заминал во Маринци, каде што научил многу за животот, честа, почитта и издржливоста. Во војска се здобил со вештините за преживување што подоцна му се покажале како неопходни.

Во неговиот тазе филм – Youth („Младост“), на Паоло Сорентино, Кејтел го препознава истото тоа патување: раѓање, напуштање на домот, надминување на попатните пречки. „А ако си доволно среќен да преживееш, ќе се вратиш дома за да го споделиш тоа знаење со луѓето како тебе“.

„Не мислам дека некој ја губи моќта со тоа што старее. Сé додека си инволвиран, креативен и заинтересиран, не можеш да ја изгубиш. Така продолжуваш да се изненадуваш. Староста се храни со младешки нешта…

…Ако си го набљудувал животот, знаеш дека секогаш се раѓаме со нова мисла, нова експресија, нова имагинација. Дури и кога си лице в лице со смртта, тоа е ново искуство – одново се раѓаш, токму тогаш. Затоа, не се плаши од смртта. Додуша, кога ќе стигнам таму, потсети ме дека сум го рекол ова“.

Будистите имаат изрека што му е омилена и ја сумира филозофијата на Харви: „однесувај се кон сé како да е игра. Дури и со смртта“. Кејтел смета дека тоа е односот кој води кон „младешки“, исполнет живот.

- Реклама -