Калеб Шарф – астрофизичар од универзитетот Колумбија, има прилично растегната теорија за тоа зошто не можеме да откриеме вонземјани. А кога нешто е „far-fetched“, обично е и интересно.
Така и теоријата на Шарф, според која древните вонземски облици на живот всушност се движечка сила зад компликуваната квантна физика и феномените како што е темната материја.
Шарф смета дека космосот е остаток од интелигентен вонземски живот кој ги контролира сите аспекти на физичкиот свет – од гравитацијата, па до брзината на светлината. Неговата теорија би ги објаснила сите големи мистерии на вселената, но и би одговорила на прашањето зошто досега немаме најдено живот вон Земјата, смета тој.
Во статијата објавена во Nautilus, Шарф пишува дека „делото“ т.е. делувањето на вонземјаните можеби се гледа во однесувањето на субатомските честици и ширењето на универзумот.
„Можеби напредниот облик на животот не е нужно опиплив. Можеби е насекаде околу нас. Можеби е вплетен во она што ние го сметаме за физика.“
Со други зборови, астрофизичарот смета дека е можно вонземјаните да станале толку интелигентни што се претвориле во живи машини. И човештвото се соочува со една таква можност – кога нашите творби ќе ја преземат нашата интелигенција и ќе се постигне степен на таканаречената сингуларност, но според Шарф, напредните вонземјани ја имаат надминато дури и таа фаза, и од себе имаат создадено сложен физички систем.
„Ако сте цивилизација која научила да кодира живи системи, сé што потребно е да направите систем за трансфер на податоци од нормална до темна материја, односно 3D печатач на темна материја.“
Сé на сé, вонземјаните не можеме да ги видиме од проста причина што се насекаде околу нас, теоретизира научникот.
„Не би го препознале напредниот облик на живот, бидејќи неговата форма е интегрален дел од она што го сметаме за природен свет.“