Не ќе се фалиме дека сме најмоќни, види карта

618x352

Во вториот дел од интервјуто за екипата на германското издание Bild, дадено од Сочи, рускиот претседател Владимир Путин прецизира дека не ги сфаќа сериозно зборовите на Барак Обама дека Русија е “регионална сила”, како и не го смета за сериозно и тврдењето дека Американците се “избраниот народ”.

Тој изјави дека Русите не си ја припишуваат улогата на “суперсила”, бидејќи е “премногу непотребно”.

“Ние продолжуваме да бидеме една од водечките економски нации во светот. Што се однесува до терминот “регионална сила”, јас ќе препорачам да се погледне картата на светот. На Запад нашиот регион е Европа. На исток се граничиме со Јапонија и САД во Аљаска. На север имаме граница со Канада. Ако сакате да го намалите значењето на Русија во светот со тоа всушност сакате да ја преувеличите својата земја. Ваквиот потег е грешка “, се неговите зборови.

Руската Федерација може да му даде азил на сирискиот претседател Башар Асад, ако тој биде принуден да ја напушти земја, изјави рускиот претседател.

“Сигурно беше многу потешко да му дадеме азил на г-дин Сноуден во Русија, отколку што би било за Асад”, смета тој, но мисли дека е премногу рано да се зборува на оваа тема.

“Прво населението на Сирија треба да може да гласа и потоа ќе видиме дали Асад ќе мора да ја напушти својата земја, ако ги загуби изборите”, продолжува рускиот претседател.

Путин смета дека Асад “направил многу погрешни нешта во овој конфликт”, но конфликтот никогаш немало да се прошири толку, ако не бил поттикнат надвор од Сирија – со оружје, пари и борци.

Путин го повторува ставот на Русија дека го поддржува Асад, долгогодишен сојузник, за да не дозволи сценарио со пропадната држава, како во Либија.

“Не сакаме Сирија да заврши како Ирак или Либија. Погледнете го Египет: Претседателот Сири заслужува да биде пофален дека ја презеде одговорноста и власта во вонредна ситуација, за да се стабилизира земјата”.

“Асад не се тепа против сопственото население, туку против оние кои вршат вооружени дејствија против владата”, возвраќа рускиот претседател на прашање зошто Асад ги бомбардира сонародниците.

“Ако тоа му штети на цивилното население, вината не е на Асад, туку пред сè на бунтовниците и на нивните поддржувачи во странство”.

Путин уште еднаш истакнува дека тоа не значи дека Асад прави сè како што треба.

Рускиот претседател вели дека неговата земја ќе и пружи отпор на Турција, која е членка на НАТО, ако таа и се закани на националната безбедност на Русија, имајќи го предвид соборувањето на рускиот авион во ноември, кој според Турција навлезе над турската територија.

“Се надевам дека ваквите настани нема да прераснат во големи воени конфликти, но ако се загрозени руската безбедност и интереси, Русија ќе пружи отпор. Секој треба да го знае тоа”.

“Турција е дел од НАТО, но не беше нападната. Затоа не треба НАТО да ја брани Турција и нашите проблеми со Турција немаат ништо заедничко со членството на оваа земја во НАТО”, се зборовите на рускиот претседател.

“Подобро е турското раководство да се извини за соборувањето на авионот кое очигледно беше воено злосторство, наместо да се повикува во седиштето на НАТО”.

- Реклама -