Кога Реза Парастеш излегува на улица, луѓето го бркаат и го молат за автограм. Многу од нив не му го знаат ни името, но штом ќе го видат да се шета по улиците на Хамад, западен Иран, каде што живее, го запираат за и прават селфиња заедно.
Причината е очигледна – бизарно многу личи на Лионел Меси. Но не секогаш било така, раскажува ВВС.
Иако отсекогаш личел на напаѓачот на Барселона, Парастеш почнува намерно да ја нагласува сличноста пред само неколку месеци. Сé тоа почнало со предлог од татко му, кој го советувал да се слика со дрес на Барселона со број десет, и да ја испрати сликата до некој од спортските сајтови.
Очигледно, Реза токму тоа и го направил, а веќе следниот ден добива барање за интервју. Оттогаш Парастеш активно влегува во улогата на двојник на Меси, имитирајќи го до најмалиот детал – шета со дрес, исто ја шиша косата, исто ја носи брадата.
„Сега луѓето навистина ме гледаат како иранскиот Меси и сакам да го имитирам сé она што тој го прави”, раскажува 25-годишниот Парастеш. Вели дека секогаш бил обожавател на Барселона и играл фудбал, но никогаш не професионално.
„Кога одам некаде, луѓето навистина се импресионирани. Многу сум задоволен што ги правам среќни. Тоа ми дава многу енергија“, додава Реза, како тоа морничаво многу да личиш на Меси да е најнормалната работа на светот.
Сепак, не е лесно да си Меси во Иран. Неодамна Парастеш завршил во полициска станица, а автомобилот му бил однесен со пајак, бидејќи со своето присуство создал хаос на улицата – премногу луѓе сакале да направат селфи со него. Тоа и не е така страшно, за разлика од 2014-та година, кога благодарение на голот на вистинскиот Меси во последната минута од натпреварот, Аргентина го исфрли Иран од Светското првенство во Бразил.
„По крајот на натпреварот татко ми ми се јави и ми рече да не се враќам дома вечерта. Ме праша што ми требало да му давам гол на Иран. Му одговорив дека не бев јас“, задоволно раскажува Реза.
Најголемата желба му е… ај погодете… да оди во Барселона и да го запознае Меси. Притоа се надева дека Лео ќе го вработи како свој двојник.
„Најдобриот фудбалер во историјата на фудбалот сигурно има повеќе работа отколку што може да постигне. Јас би можел да го менувам кога е многу зафатен“, се нуди Реза.
Очигледно, тој добро знае што прави. Туку, којзнае како му е на Меси да знае дека на планетава има некој што вака језиво личи на него. Додуша, Реза е малку подебел.