„Не е Македонец по род, но е Македончиште по душа и убедување!“ – „Комитите“ со специјален пречек за Игор Карачиќ

Утре во 17:30 часот, европскиот ракометен шампион Вардар го пречекува полскиот првак Киелце. Во редовите на големиот ривал овојпат како противник во Скопје доаѓа и Игор Карачиќ – ракометарот кој седум сезони го носеше дресот на „црвено-црните“, а при пречекот во главниот град по големиот успех – освојувањето на втората титула, трофејот го донесе завиткан во знамето со Сонцето од Кутлеш.

Поради сето она што Карачиќ го направи за Вардар и Македонија, „Комити“ излегоа со повик утре на мечот против Киелце македонските навивачи уште еднаш да му се поклонат и заблагодарат на „Комитата по душа“ за сите coлзи и радости:

„Има многу играчи кои нѐ задолжија со своето залагање, борбеност, талент и харизма, многумина кои ни подарија моменти на кои секогаш ќе се сеќаваме, на кои ќе се гордееме и ќе раскажуваме дека сме имале привилегија да сме нивни современици и да ги доживееме…

Тешко е да доловиме што е она што значи овој човек за нас и за Вардар, но ако мора да има еден кој вечно ќе стои високо на пиедесталот, ако има еден на кој треба името да му го славиме а не е во Вардар, ако има еден кој заслужува да му биде подигнат споменик, тој еден не е Македонец по род, но е Комита и Македончиште по душа и убедување… Тој е тој, легендата – Игор Карачиќ !!!

Да му се поклониме и заблагодариме за сите солзи и радости, за сите моменти поминати заедно. Игор е наш, наш и ќе остане. Сите во сала !!! Сабота, 9 Ноември – 17:30ч. #ИгорКарачиќЕденОдНас #ВардарВоСрцето #МакедонијаВоДушата“, повикаа Комити.

- Реклама -