НБА: Пејн во Њујорк, Марканен сѐ поблиску до Голден Стејт


Камерон Пејн, 30-годишен бек шутер, потпиша едногодишен договор со НБА тимот Њујорк Никс, каде дојде како слободен агент.

Пејн минатата сезона ја мина во Милвоки Бакс и Филаделфија 76ерс, со просек од 7,9 поени по натпревар заедно со 3,3 асистенции и 2,1 скока. Нешто подобар впечаток остави како играч на Филаделфија каде постигнуваше 9,3 поени по натпревар со 3,1 асистенции.

Пејн ја започна својата НБА кариера во Оклахома Сити Тандер, а потоа играше за Чикаго Булс и Кливленд Кавалирс, додека најдлабока трага остави кога го носеше дресот на Феникс Санс, од 2020 до 2023 година.

Според бројни американски медиуми, одличниот 27-годишен фински кошаркар Лаури Марканен е сѐ поблиску до заминување од Јута Џез во Голден Стејт Вориорс. Клубот од Солт Лејк Сити летово има намера да направи нова конструкција на тимот, а според него со големо задоволство би направиле размена која вклучува и заминување на финскиот крилен напаѓач.

Повеќе од десет дена траат преговорите меѓу Јута и Голден Стејт, кој е подготвен на бројни опции само Марканен да го добие во клуб кој минатата сезона играше под очекувањата. Голден Стејт беше елиминиран од Сакраменто во плеј-ин натпреварот, а летово го напушти Клеј Томпсон, долгогодишниот главен партнер на Стивен Кари во сите негови успеси. Голден стејт го напушти и хрватскиот репрезентативец Дарио Шариќ, кој кариерата ја продолжува во Денвер Нагетс.

- Реклама -