ЛА Лејкерс на свој терен со доста мака славеа против Шарлот со 101-100 на синоќешните натпревари од НБА лигата, Мајами беше подобар од Минесота, додека Сан Антонио загуби во Денвер (112-106).
На останатите дуели триумфи остварија Атланта, Торонто, Јута, Чикаго, Милвоки, Далас и Голден Стејт.
Коби Брајант постигна четири од своите 30 поени во последната минута и пол, а Лејкерси успеаја да слават против Шарлот, иако третиот период губеа и со 18 поени разлика. Брајант стана првиот кошаркар во историјата со 34 или повеќе години кој на седум едноподруго мечеви постигна 30 или повеќе поени.
Мета Ворлд Пис и Џоди Микс уфрлија по 17 поени, а во тимот по осум мечеви пауза се врати По Гасол со 10 поени и девет скока. Бобкетси, кои го претрпеа 12-от едноподруго пораз, ги предводеше Кемба Вокер со 28 поени, 5 скока и 7 асистенции.
Никој нема шанси против Мајами кога шампионите шутираат тројки 13-25, па така Минесота лесно загуби на Флорида иако имаше неверојатни 28 скока повеќе од противникот. Леброн Џејмс заврши со 22 поени, 11 асистенции и 6 скока, Вејд дополни 24 поени, а одличен беше Чалмерс со 12 поени, четири тројки. На другата страна Андреј Кириленко беше најдобар со 22 поени и 4 скока, а одличен беше и Никола Пековиќ со 18 поени и 12 скока.
Резултати: Вашингтон – Атланта 95-100 (90-90), Кливленд – Торонто 99-113, Бруклин – Јута 90-92, Мајами – Минесота – 103-92, Чикаго – Бостон 100-89, Милвоки – Индијана 98-93, Далас – Филаделфија 107-100, Денвер – Сан Антонио 112-106, Голден стејт – Њу Орлеанс 103-96, ЛА Лејкерс – Шарлот 101-100.