НБА ги продаде телевизиските права за следните 11 години за 77 милијарди долари


Американската професионална кошаркарска НБА лига се согласи да ги продаде телевизиските права во следните 11 години на ESPN, кој е во сопственост на студиото „Walt Disney“, на „NBC Universal“, кој е во сопственост на „Comcast“, и Amazon.com за 77 милијарди долари.

Овој нов договор ќе стартува од сезоната 2025/26.

Истовремено, лигата ја одби понудата на TNT, која е во сопственост на „Warner Bros Discovery“, бидејќи таа била пониска од понудата на Amazon.com, па по повеќе од четири децении ќе престане соработката меѓу НБА и TNT.

„Овој нов глобален договор за медиуми со Disney, NBCUniversal и Amazon ќе ја максимизира достапноста на НБА игрите за обожавателите во САД и ширум светот. Овие партнери ќе ја дистрибуираат нашата содржина низ широк опсег на платформи и ќе ни помогнат да го трансформираме искуството за гледање игри за следната деценија“, објави комесарот на НБА, Адам Силвер.

Според новиот договор, Дизни ќе емитува 80 натпревари од лигашкиот дел од сезоната, NBCUniversal 100, а Amazon 75 натпревари.

Ексклузивен сопственик на правата за пренос на финалето на плејофот останува телевиската мрежа ABC News, која ги има правата од 2003 година.

- Реклама -