Центарот на Филаделфија 76ерс, Џоел Ембиид е суспендиран три натпревара без плата поради туркање на претставник на медиумите, објави НБА лигата.
Инцидентот во соблекувалната се случи по натпреварот на Сиксерс на 2. ноември, кога често повредениот Ембиид, кој допрва требаше да заигра оваа сезона, се расправал и турнал колумнист на весник од Филаделфија.
На Ембиид му пречела колумна во која дотичниот новинар ја доведе во прашање желбата на седумкратниот Ол-стар играч и поранешен освојувач на наградата МВП на НБА да остане во форма, а ги спомена и синот и покојниот брат на играчот.
„Заемното почитување е најважно за односот меѓу играчите и медиумите во НБА“, рече Џо Думарс, извршен потпретседател на НБА, во соопштението за печатот.
„Иако разбираме дека Џоел бил навреден од личната природа на оригиналната верзија на колумната, интеракцијата мора да остане професионална од двете страни и никогаш не смее да ескалира во физичка пресметка“, рече Думарс.
Суспензијата на Ембиид ќе започне со следниот натпревар од регуларната сезона во НБА во кој тој има право да игра. Ембиид не беше во тимот досега, а 76ерс ја наведоа „загриженоста за неговото лево колено“ како причина за нивната најголема ѕвезда.
Меѓутоа, во коментарите за здравјето на Ембиид, раководството на НБА лигата забележа недоследност, па поради тоа 76ерс се казнети со 100.000 американски долари.
Канцеларијата на НБА, исто така, објави дека истрагата потврдила дека Ембиид, кој е роден во Камерун и стана американски државјанин во 2022 година, навистина не можел да игра оваа сезона поради проблем со коленото и дека немало прекршување на прописите за настапите на лигата.
Ембиид имаше активно лето зад себе, бидејќи беше во американскиот тим кој го освои златниот медал на Олимписките игри во Париз.