Да купуваш намирници на враќање од работа, обично значи „грабни тоа што има“. Уморни и гладни, луѓето ќе фрлат што и да е во корпата за купување и ќе бидат задоволни од изборот.
Сепак, ако научниците доволно ги замешаат прстите, во иднина има добри шанси да почнеме кесите да ги полниме со повеќе зеленчук наместо со замрзнати пилиња, и полу-готова храна. Зошто? Затоа што научниците од Wellcome Trust, заедно со академиците од Оксфорд, работат на тоа да нé „охрабрат“ да јадеме помалку месо и повеќе зеленчук и овошје. Со тоа сакаат да ги променат лошите навики во исхраната кои се закануваат по нашето здравје и животната околина.
Проектот моментално е на проба во супермаркетите на „Sainsbury“ во Британија, како и на нивните онлајн продавници.
Тактиката да нé натераат да го откачиме месото вклучува поставување на зеленчуковите производи на истите полици заедно со месото, а притоа и доделување на „поени за лојалност“ за купувачите кои избираат вегетаријански продукти. Згора на тоа, се делат и картички со рецепти-предлози за преминување кон исхрана со помалку месо.
На крајот, тимот ќе реши кои од методите се најефикасни, со што би се влијаело на имплементирање на истите како нова норма.
„Количината и видот на месо и млечни производи што ги јадеме се клучните фактори и за нашето здравје, и за здравјето на животната околина. Редуцирањето на количините на тие продукти е добитна комбинација за сите“, вели д-р Сара Молтон за Metro.co.uk.