19
Според една нова студија, одредени животни навики или особини, како што е дебелината, може да придонесат за повисоки стапки на рак меѓу припадниците на генерацијата Икс и милениумците во споредба со постарите генерации.
Одложувањето на бременоста, исто така, може да го зголеми ризикот кај жените за развој на некои видови рак на гениталиите, заклучиле научниците.
Кои се милениумци, а кои генерација Икс?
Повеќе видови рак сега се почести меѓу милениумците (родени помеѓу 1981 и 1996 година) и генерацијата Икс во однос на постарите генерации, заклучува една нова студија. Во неа се испитани податоци за повеќе од 23,6 милиони американски пациенти заболени од рак родени помеѓу 1920 и 1990 година, на кои им биле дијагностицирани 34 различни видови тумори. Откриено е дека 17 видови рак се почести кај милениумците и генерацијата Икс (оние родени помеѓу 1964 и 1980 година), според наодите од студијата објавена во магазинот „Лансет паблик хелт“ (Lancet Public Health).
За 8 од тие 17 видови на рак, стапките на инциденца постојано се зголемуваат за секоја наредна генерација родена од 1920 година. Поконкретно, стапката на инциденца на неколку видови рак била два до три пати повисока кај поединците родени во 1990 година отколку кај оние родени во 1955 година, вклучувајќи го и ракот на тенкото црево, бубрезите и панкреасот кај двата пола и ракот на црниот дроб и жолчните канали кај жените, пишува Си-ен-ен.
За преостанатите 9 видови рак, стапките растеле кај помладите генерации по падот кај постарите возрасни лица, исто така открила студијата. Тука станува збор за рак на матката, јајчниците, тестисите, дебелото црево, одредени видови рак на дојка, како и ракот на анусот и слузницата на крвните и лимфните садови кај мажите.
„Иако сè уште не е сосема јасно зошто многу видови рак стануваат сè почести кај помладите генерации, се чини дека дебелината игра значајна улога. Десет од 17-те видови на рак со растечки тренд се поврзани со вишокот телесна тежина. Другите сомнителни фактори на ризик вклучуваат нездрава исхрана, седечки начин на живот, променети навики на спиење и изложеност на хемикалии од околината во текот на раниот живот и младоста“ вели водечката авторка на студијата и виш главен научник во Американското здружение за рак, д-р Хјуна Сунг.
Д-р Отис Браули, професор по онкологија и епидемиологија на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, кој не беше вклучен во новата студија, рекол дека Американците се изложени на поголем ризик од луѓето во Канада или Европа. Сиромашните луѓе во САД се најранливи, додал тој. Тој исто така нагласува дека најверојатниот виновник е лошата исхрана со висок внес на калории.
Алармантен број на рак на матката кај помладите жени
Во споредба со постарите луѓе со најмал ризик од рак, зголемениот ризик за луѓето родени во 1990 година се движел од 12 отсто повисок за рак на јајчниците до дури 169 отсто поголем за рак на матката.
Стапката на смртност се зголемувала со секоја наредна генерација и за ракот на црниот дроб и жолчните канали кај жените, како и за ракот на жолчното ќесе, тестисите и дебелото црево кај мажите, исто така открила студијата. Треба да се каже дека за некои видови рак, меѓутоа, стапката на смртност се стабилизирала или се намалила кај помладите луѓе.
И планирањето на семејството на листата на потенцијални ризици
Покрај зголемувањето на стапките на дебелина и факторите на начинот на живот, порастот на некои видови на рак може да биде поврзан и со планирањето на семејството, вели д-р Даниел Спрат, професор и началник на онкологија во Универзитетските болници Сеидман Центарот за рак и Универзитетот Кејс Вестерн Резерв во Кливленд.
„Друг фактор што може да го зголеми ризикот од одредени видови рак кај жените е тоа што семејствата сега генерално имаат помалку деца. Жените за првпат раѓаат подоцна, во постарите години. Овој тренд се зголемува од година в година. Забележливо е дека ракот на дојката и јајчниците е почест кај жените кои подоцна имале деца или кои ги немаат“, рекол д-р Спрат, кој не бил вклучен во студијата.
Една добра вест
„Исто така, можно е зголемувањето на инциденцата на рак делумно да е резултат на демографските промени со текот на времето“, вели д-р Дејвид Чанг, вонреден професор по хирургија на Медицинскиот факултет Харвард и Институтот за масовно општо истражување во Бостон, кој не бил вклучен во новата студија.
Ако постои некоја добра вест во наодите на студијата, тоа е дека многу основни фактори на ризик се работи и навики кои луѓето можат да ги контролираат. Не можеме со сигурност да го спречиме ракот, но еве што можеме:
„На лично ниво, мислам дека пациентите можат да обрнат повеќе внимание на штетните ефекти од дебелината, нездравата исхрана, седечкиот начин на живот и променетите навики на спиење“, вели д-р Чанг.