Со цел да го поништи негативното влијание на телевизиските реклами врз гојазноста кај децата и младите, словенечкиот јавен телевизиски сервис усвои строги правила, според кои, кога тој дел од популацијата е пред тв-екраните, ќе биде забрането да се рекламираат чоколади, бонбони и други слатки кои дебелеат, како и друга нездрава храна.
Новиот правилник е во склад со одредбите на националното законодавство и препораките на Светската здравствена организација, но и со неодамнешната студија на словенечкиот Институт за нутриционизам. Според истата, влијанието на тв рекламите во голема мера е одговорно за алармантниот тренд на гојазност меѓу младите.
Во истражувањето се анализирала содржината на програмите на сите телевизиски станици во Словенија, во период од една година. Се покажало дека 96% од рекламите за прехранбени производи се однесуваат на производи кои според препораките на СЗО би требало да бидат забранети за деца и адолесценти. Дури 77% од тие реклами се однесувале на производи со висок удел на шеќер и други состојки кои влијаат на гоењето. Па така, меѓу содржините наменети за децата до 15 години, ќе се забрани рекламирањето на сите прехранбени производи со негативен нутритивен или физиолошки ефект, како оние кои содржат трансмасни киселини, сол, натриум, и шеќер. Тоа значи чоколади, разни слатки и десерти, кекси, слатки пецива, и енергетски пијалоци.
Приватните телевизиски станици, од друга страна, препораките на нутриционистите и СЗО ги толкуваат помалку конзервативно, па наместо целосно исфрлање, најавија намалување на програмските содржини со реклами за нездрава храна. Наместо тоа, најавуваат тие, ќе ја зголемат минутажата на едукативните програми со препораки за физичка активност и здрав начин на живот.