Националната арена „Тодор Проески’’ е подготвена за претстојниот натпревар со репрезентацијата на Англија. На целиот проект му претходеа интензивни работни активности кои резултираа со исполнување на зацртаната цел- целосна ревитализација на тревната површина, соопшти денеска АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.
-Гостите од странство ќе ги пречекаме на терен кој е во согласност со највисоките стандарди на УЕФА и ФИФА и е еднаков на условите коишто ги обезбедуваат најголемиот дел од европските стадиони. АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката застана зад овој проект целосно, со максимални заложби и целосен капацитет, во соработка со ФФМ кој ја обезбеди донацијата, се наведува во соопштението од претпријатието.
Како што наведуваат, самите карактеристики на овој вид хибридна трева гарантираат одличен квалитет, односно рок на траење од 8-10 години, како и зголемен степен на нејзината експлоатираност.
– На него ќе може да се игра на температура од -20 до + 40 степени, а снегот и дождот нема да претставуваат дополнителен проблем бидејќи теренот има и систем за греење. Целосната ревитализација на тревната површина, покрај низа пропратни елементи опфаќа и надградба на системот на наводнување, како и поставување нови голови. Процесот на целосно менување на тревата којшто е последен пат изведен пред 11 години ќе ги подобри условите на националниот и клупскиот фудбал, и е во насока на успешно развивање на фудбалската игра, се посочува во соопштението.
Сите љубители на фудбалот и навивачи на македонската фудбалска репрезентација во понеделник ќе имаат можност да уживаат во следењето на натпреварот со Англија, наведуваат од претпријатието. АДИССДП се надева дека навивавачката атмосфера ќе биде во духот на фер плејот и со силна подршка од трибините заеднички да стигнеме до што подобар резултат.
МИА